Ново правило на Белата куќа издадено синоќа, ја ограничува можноста на акредитираните новинари слободно да пристапуваат до канцелариите на прес-секретарката Каролин Ливит и други врвни службеници за комуникации во Западното крило, во близина на Овалната соба, објави Ројтерс.
Новиот меморандум од Советот за национална безбедност им забранува на новинарите пристап до Соба 140, без претходен состанок, наведувајќи ја потребата од заштита на потенцијално чувствителен материјал. Во него се вели дека промената ќе стапи на сила веднаш.
Потегот на Белата куќа следи по ограничувањата воведени претходно овој месец за новинарите во Министерството за одбрана, потег што ги натера десетици новинари да ги напуштат своите канцеларии во Пентагон и да ги вратат своите акредитации.
Советот за национална безбедност соопшти дека промената е направена за да се заштити чувствителниот материјал со кој сега рутински ракуваат службениците за комуникации на Белата куќа, како резултат на промените во советот.
„Со цел да се заштити таквиот материјал и да се одржи координацијата помеѓу персоналот на Советот за национална безбедност и персоналот за комуникации на Белата куќа, на членовите на печатот повеќе не им е дозволено да пристапат до Соба 140 без претходно одобрение во форма на закажување состанок со овластен член на персоналот на Белата куќа“, се вели во меморандумот, пишува Ројтерс.
Д. Т.












