Доколку е потребно ќе донесеме нови мерки за поддршка на угостителите и граѓаните заради воведувањето на последните рестриктивни мерки за посета на угостителските објекти и затворените трговските центри, порача денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.
Како и секогаш, ги пратиме донесените рестриктивни мерки и доколку заеднички одлучиме дека финансиските импликации се толку големи што бараат одредена поддршка ќе седнеме и ќе разговараме. Секако мерките ќе бидат за тие кои се најмногу погодени, рече Битиќи во одговор на прашање дали Владата размислуваме за некоја нова мерка за поддршка на угостителите и граѓаните заради неодамна донесените рестриктивни мерки.
Тој посочи дека воведените рестриктивни мерки се привремени и изрази надеж дека наскоро здравствените бројки ќе укажат дека полека ќе можеме да се вратиме во нормалниот живот, а доколку тоа не е возможно, Владата, како и досега е подготвена да носи мерки за стопанството кога е тоа потребно.
Препораката на Комисијата за заразни болести беше единствен критериум за вчерашната одлука на Владата да дозволи угостителските објекти повторно да можат да работат во затворените простори со 30 отсто од капацитетите, потврди Битиќи на новинарско прашање.
Сметам, нагласи, дека во одреден период требаше да има многу порестриктивни мерки и додаде дека според Комисијата за зарасни болести сега најверојатно сме стигнати до пикот на четвртиот брана на Ковид-19 и бројките не би требало да одат нагоре. Остануваат на сила и другите мерки кои ги поддржавме, а тоа се влезот во угостителските и во другите затворени објекти да биде со сертификат за вакцина и со доказ за прележан Ковид не постар од 45 дена.
Прашан дали Владата со последните одлуки сака да покаже дека нема да бидат опасни по здравјето на граѓаните претстојниот попис и локални извори, Битиќи рече дека мисли дека не е така, и дека вакцинирањето, носењето маски, држењето дистанца, одржувањето на лична хигиена е доволен доказ дека секоја операција е безбедна по здравјето на граѓаните.
Вакцинирањето, посочи, не е задолжително и е на доброволна основа и претставува лична одлука на попишувачите.
-Мислам дека повеќето од попишувачите ќе бидат вакцинирани, а државата и Државниот завод за статистика ќе осигураат да бидат безбедни сите кои ќе ги посетуваат домовите. И во моментов не знаеме дали некој е вакциниран, но доколку носиме заштитна маска сигурни сме во нашата комуникација, рече Битиќи и нагласи дека на Влада засега немало дискусија дали да се одложат пописот и локалните избори доколку бројките на заболени растат.













