Северна Македонија , Албанија и Косово се првите европски земји што рекоа дека ќе обезбедат привремено засолниште за Авганистанците кои патуваат за САД откако избегаа од освојувањето на талибанците на нивната земја.
Како што објави денеска бриселскиот портал Политико, според медиумите, повеќето се цивили кои работеле со американски или меѓународни мисии во Авганистан и се евакуирани додека чекаат американски визи. Студентските домови се испразнети за Авганистанците кои доаѓаат во Албанија, додека Северна Македонија за нивно сместување се ставаат на располагање одморалишта и хотели. Косово соопшти дека има капацитет да прими до 10.000 луѓе. Се очекува во среда да пристигнат првите бегалци во Албанија.
Трите земји се надеваат на скоро приклучување кон Европската унија – иако се уште има значителни пречки пред тоа да се случи. Тоа е една од причините што тие многу се потпираат на нивната врска со Соединетите држави.
-Овие три се нај проамерикански земји во Европа, и веројатно во светот, како во однос на расположението кај населението и по усогласеноста кај политичката класа, без оглед на администрацијата што е на власт во САД, рече Тоби Вогел, аналитичар во Советот за политика за демократизација, тинк-тенк со седиште во Берлин. Тие ќе направат многу за да се приспособат на сите барања што може да ги имаат САД, смета Вогел.
За Северна Македонија, ова е исто така начин да се покаже дека го сфаќа сериозно членството во НАТО и да добие дипломатска поддршка за да ги деблокира пристапните преговори со ЕУ, закочени поради ветото на Бугарија. Благодарноста за Соединетите држави е исклучително висока со оглед на тоа колку луѓето се разочарани и лути на ЕУ. Луѓето мислат дека САД се клучниот стратешки партнер на земјата, вели Предраг Арсовски, македонски коментатор и колумнист.
-Целиот регион очекува значителна промена од страна на сегашната американска администрација под водство на Џо Бајден, стои во анализата на Политико.












