Владата на Република Северна Македонија на неодамнешната 130-тата седница донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, како празник од работен карактер, бидејќи на тој ден во 1945 година е усвоена азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, а по два месеци е озаконет првиот правопис.
Со Решение на АСНОМ од втори август 1944 година, донесено во манастирот Прохор Пчински, македонскиот јазик бил заведен како службен јазик на македонската држава.
Македонскиот книжевен јазик е јужнословенски јазик со една од најстарите книжевнојазички традиции и службен јазик во Македонија. Спаѓа во групата на јужнословенски јазици со околу 3 милиони говорници во Македонија, Грција, Албанија, Бугарија, САД, Канада, Австралија и други земји. Македонскиот јазик станал официјален јазик на Социјалистичка Република Македонија во 1944.
Блаже Конески е голем великан чиишто заслуги за создавањето на македонската азбука и кодификација на македонскиот јазик се огромни. Конески беше истакнат македонски книжевен, културен и јавен работник, академик, поет, историчар, филолог и јазичар, преведувач и професор на Филозофскиот факултет во Скопје.
Конески по ослободувањето активно се вклучува во стандардизирањето на македонскиот јазик и ја изработува граматиката на современиот македонски јазик. Го составил и правописот на македонскиот литературен јазик, а исто така бил уредник на „Речникот на македонскиот јазик“.
Македонскиот јазик е дел од групата на словенски јазици од јазичкото семејство на индоевропски јазици.
А. П.












