„Малку подалеку, можеби во радиус од 100 метри од белата палата хистеријата спласнува и луѓето се обидуваат да живеат колку-толку понормално.“, одговори Џабир Дерала, во гостувањето во Утрински брифинг, на прашањето каква е атмосферата низ другите градови на Македонија и има ли партиско-пропагандна хистерија како во Скопје.
„Донекаде ја разбирам оваа жестока пропагандна активност, заради тоа што се работи за еден многу неславен пад на одредени политички структури и инсталации во земјата, така што очекувам да продолжат со ваквото темпо, можеби и да го засилат – да платат некој денар повеќе за консултации кои би им дале малку повеќе стил во пропагандата.“, рече Дерала.
Дерала не ја исклучува можноста од предвремени парламентарни избори заедно со локалните, но вели дека меѓународната заедница тоа би го примила со крајно негодување и додаде дека внатрешно гледано тоа би било една лоша ситуација, лош развој на земјата, лошо за стабилноста, затоа што секој изборен процес е шок и за економијата.
„Во услови кога имате на маса предлог за широка коалиција за национално единство, барањето за предвремени парламентарни избори е најблаго речено навистина наивно“, костатира Дерала.
Тој истакна дека ЦИВИЛ има тимови низ целата држава кои обезбедуваат континуиран мониторинг на процесите и на состојбите со човековите права и слободи, така што ако е потребно во секој момент се спремни да организираат набљудување.
Ј. Ѓ.