Претседателот на Собранието Талат Џафер денеска упати честитки по повод одбележувањето една година од нашето полноправно членство во Северноатлантската договорна организација – НАТО.
Џафери им ја честита годишнината од НАТО членството на граѓаните, но и на институциите на Република Северна Македонија, до сите минати влади и политички чинители и до актуелните политички гарнитури, без оглед дали се од власта или опозицијата, бидејќи, како што вели, секој од нив, во својот домен, ја даде својата поддршка и имаше удел во статусот што го имаме и уживаме денес, односно 30-та земја членка на најмоќниот воено-политички сојуз, безбеден чадор и чувар на безбедноста на нашите граѓани и на територијалниот интегритет на Република Северна Македонија.
– Ние сме подготвени за иднината – Северна Македонија во НАТО 2030, напиша во честитката претседателот на Собранието Џафери.
Тој потсети дека на 11 февруари 2020 година ја водел свечената 133. пленарна седница по повод ратификацијата на Договорот и како што рекол и тогаш, повторува и сега, дека „За нас, ова е историски ден!“.
– И навистина, исправноста на таа одлука се потврди за време на оваа година а сигурно ќе се зацврсти уште повеќе во годините што следат. Раката на поддршка и пријателство што ја пружија земјите членки на НАТО, нашите сојузници, беше од огромна корист за нашиот здравствен систем и справувањето со последиците од пандемиската криза. Убедени сме дека таа поддршка ќе биде сигурен наслон во идните предизвици што следат затоа што, тоа е мотото на НАТО, сите за еден и еден за сите! Ние сме подготвени да го дадеме својот придонес и удел во колективната безбедност и сигурност на семејството на НАТО, стои во честитката упатена од претсдателот на Собранието Талат Џафери.