Талат Џафери по неговиот реизбор, најпрвин им се заблагодари на сите вработени во сите инфективни оддели во земјава за секојдневната борба со вирусот Ковид-19 бидејќи е нивна заслугата што денеска стигнал до овој момент.
Џафери им се заблагодари и на 62 колеги кои ја поддржаа неговата кандидатура, но и на оние кои со дебата придонесоа кон демократските вредности без оглед на нивните ставови за гласање против, и на оние кои не беа во салата во моментот на гласањето.
“Сепак јас останувам конзистентен на ставот дека ќе бидам претседател на 120 пратеници без оглед како гласале. Ова ќе биде период на предизвици и за мнозинството, но и за опозицијата. Треба да придонесеме и едукативно на генерациите кои во иднина ќе бидат во Собранието. Секако демократијата дозволува сешто, но сето тоа оди на лична сметка на секоја личност зависно од тоа како се однесува”, рече Џафери.
А. Зеќири












