Државната комисија за спречување на корупција соопшти дека доставиле Известување до Врховниот суд за сознание дека до Врховниот суд на Република Северна Македонија од страна на адвокати, поднесени се иницијативи за носење на начелен став, односно начелно правно мислење по прашањето за тоа кој Закон за судовите, како материјален закон, ќе се применува од Судскиот совет на веќе започнатите постапки за престанок, разрешување и основи за одговорност на судија, како и дека против 9 судии од Врховниот суд се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување на функциите.
Во однос на тоа, во соопштението стои дека ДКСК смета за потребно да се укаже на тоа дека судиите на Врховниот суд против кои се отворени постапкит во Судскиот совет за разрешување на функциите, не треба да учествуваат во расправата и одлучувањето на општата седница каде ќе се утврдува начелното правно мислење по поднесените горенаведени иницијативи.
Според нив, во Законот за спречување на корупција и судирот на интереси е предвидено следново:
Член 72
(1) Службеното лице во своето работење, е должно да внимава на потенцијален судир на интереси и да преземе мерки за негово одбегнување.
(2) Во случај на сомневање за постоење судир на интереси, службеното лице е должно да ги преземе сите неопходни мерки за да го спречи влијанието на неговиот приватен интерес или приватниот интерес на друго лице врз извршувањето на неговите овластувања и должности и за тоа да го извести својот претпоставен.
(3) Во случај на постоење на сомневање за судир на интереси, службеното лице е должно да побара мислење од Државната комисија.
Член 73
(1) Ако службено лице учествува во расправа на орган или тело во кое се одлучува за работи зa кои тоа
или блиско лице има приватен интерес, службеното лице е должно да го пријави постоењето на приватниот интерес и да се изземе пред расправата и одлучувањето, а најдоцна пред почетокот на одлучувањето.
(2) Органот или телото на чија седница лицето од ставот (1) на овој член го соопштил постоењето на приватен интерес, е должно тоа да го констатира и внесе во записник.
Член 75
(1) Кога службеното лице ќе дознае за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или
на потенцијален судир на интереси, е должно веднаш да побара да биде изземено и да запре со своето постапување.
(2) Службеното лице ќе биде изземено од вршењето на определено дејствие со одлука на органот во кој е
избрано или именувано, односно каде што врши функции, јавни овластувања или службени должности и по барање на заинтересирано лице кое дознало за околности што укажуваат на постоење на судир на интереси или на потенцијален судир на интереси.
Тие на крајот додаваат дека доколку судиите против кои се отворени постапки во Судскиот совет за разрешување на функциите го прикријат постоњето на приватниот интерес и не постапат согласно одредбите од Законот ќе претставува повреда на должноста, согласно член 73 став 3 од истиот закон.
A. П.