Дмитриј Козак, долгогодишен соработник на рускиот претседател Владимир Путин, поднел оставка од функцијата заменик-шеф на кабинетот на Кремљ, објави рускиот новински медиум РБЦ на 17 септември, пренесува Кијив Индипендент.
Козак е еден од ретките високи руски функционери кои се спротивставија на инвазијата на Украина во 2022 година. Повикувајќи се на неименувани извори, РБЦ соопшти дека Козак размислува за транзиција во деловниот свет.
Њујорк тајмс претходно објави дека Козак приватно го советувал Путин да не ја започнува војната во Украина во 2022 година. Тој, исто така, наводно предупредил на сериозни последици од целосна инвазија, вклучително и жесток украински отпор.
Оваа година, Козак му презентирал на Путин план насочен кон завршување на војната и започнување домашни реформи.
Роден во украинската област Кировоград, Козак некогаш играл водечка улога во политиката на Кремљ кон Украина. По неговото спротивставување на војната, се верува дека изгубил значително влијание во внатрешниот круг на Путин. Многу од неговите одговорности се префрлија на Сергеј Кириенко, заменик-шеф на претседателската администрација на Русија, кој сега ги надгледува териториите во Украина окупирани од Русија.
Козак е еден од најблиските сојузници на Путин уште од 1990-тите, кога работеа заедно во канцеларијата на градоначалникот на Санкт Петербург. Потоа тој држеше неколку високи владини позиции, служејќи како заменик-премиер од 2008 до 2020 година, пред да ја преземе својата најнова улога како заменик-шеф на кабинетот во 2020 година.
РБЦ не го спомена ставот на Козак за инвазијата на Украина. Според медиумот, преминот на високи функционери во бизнис е вообичаена практика во Русија.
Д. Мишев