Негувателка од градинката „8 Април“ во Шуто Оризари влечела за уши 5 годишно дете, обвинува родителот Медијан Мустафа, којшто за ЦИВИЛ Медиа вели дека детето фатило гној на увото и утре ќе мора да се оперира.
„Детето имаше болки една недела, го однесов во болница каде што констатираа дека има гној во увото и ќе треба да се направи операција“, изјави родителот.
На почетокот кога детето се жалело дека негувателката го влечела за уши, родителите овие пријави не ги сфаќале сериозно.
„Ќе му кажев на детето дека ќе ја искарам негувателката повеќе да не го влече за уши и толку, бидејќи мислев дека не е толку сериозно. Сега кога разговарав со вработените во градинката ми рекоа дека негувателката не го влечела за уши туку дека самиот паднал и се повредил. Ако паднал, зошто не сум бил информиран за тоа?“, додава Мустафа.
Тој вели дека директорката на градинката изјавила дека ова има политичка позадина.
„Детето ми е во болница, а директорката на градинката изјави дека ова е политичка хајка. Се работи за моето дете, во овој случај нема никаква политика, туку сакам да има одговорност“, додава тој.
Според него, детето досега немало никакви проблеми во градинката, но откако дошла нова негувателка се појавиле овие проблеми. Случајот е пријавен во Министерството за труд и социјална политика и до Народниот правобранител.
Директорката на градинката Сонѓул Шабан Ахмед, не креваше на телефон ниту врати на пораката што и ја испративме.
Ангела Петровска