Почетокот на 2017 беше со многу надежи со оглед на промената на власта бидејќи прагот на очекувања беше многу голем. За жал, бевме сведоци на една тешка година на политички и социјален план, а би рекла и исклучително лоша година на медиумски план, изјави Гордана Дувњак, новинарка, за ЦИВИЛ Медиа.
Таа објасни дека медиумски лошата година ја одбележа крахот на три дневни весници и неколку неделни весници.
„Загрижувачки е што и стартот на новата година го очекуваме со голема неизвесност затоа што промените не се чувствуваат во овој момент. Точно е дека постои една релаксација, но сѐ уште не може да се види јасна визија во која насока оди државата а уште помалку може да се видат придобивки. Тоа најверојатно беше поради насочениот фокус кон надворешната политика, подобрување на климата со соседите создавање на некаква основа за пробој во делот на македонската евро интеграција и членството во НАТО“, објасни Дувњак.
Дувњак истакна дека 2017 е потрошена на лоши кадровски решенија и на ветувања што можеа да го подобрат животот на граѓаните, а беа обоени со дневно политичка нота што повеќе беа во функција на, како што рече Дувњак, на малку „популистички“ решенија.
„Јас се надевам дека оваа година ќе биде во полза на Македонија и на очекувањата на поголем број на граѓани, меѓутоа очекува и тешки политички моменти, протести, но на краток рок можеби е така, но не ја губам вербата дека оваа генерација и помладите од нас, ќе имаат подобар пробив кон иднината и дека некои работи сепак ќе се менуваат“, изјави Дувњак.
Овој разговор е дел од серијата видео-изјави под заеднички наслов „Перспективи 2018“ во кој учествуваа околу 20 врвни експерти и претставници на граѓанското општество.
„Перспективи 2018“ е дел од проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Вулнет Махмути