Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта – Скопје, за 2022 година.
ЈП за одржување и заштита на магистрални и регионални патишта, 12 години, односно од 2012 година до денот на известување за спроведената ревизија, јавната дејност која е од суштинско значење за јавниот интерес и безбедноста на граѓаните, ја врши со сметка која е блокирана поради извршни решенија за наплата на неподмирени обврски. Согласно податоците од носителот на платниот промет, на крајот на 2022 година сметката на ЈП е блокирана за обврски во вкупен износ од 663 милиони денари.
Вршењето на дејноста на претпријатието се реализира во рамки на месечните лимити, односно минимумот на парични средства над кои не може да се спроведе извршување, определени со Решенија на Основен суд Скопје II Скопје. Во последното донесено решение од 14.06.2021 година кое сеуште е во важност, месечниот лимит за функционирање на ЈП е определен во износ од 231 милиони денари, додека вредноста на потребни средства утврдена со Програма за одржување и заштита на државни патишта за 2022 година изнесува 1.850 милиони денари.
Како што соопштува ДЗР, констатирано e дека ЈП низ годините има тренд на зголемување на обврските кон добавувачи во земјата како резултат на зголемена активност во делот на одржување и заштита на државни патишта, односно поради изградба на нови делници, зголемени трошоци за набавка на нафта и нафтени деривати, како и растот на цените на стоките и услугите.
Во ревизијата се наведува дека во 2022 година, трошоците за бруто плати на вработените во Јавното претпријатие изнесувале околу 390 милиони денари, што е зголемување од приближно 34 милиони денари во споредба со 2021 година, кога изнесувале околу 356 милиони денари. Ова зголемување се случило и покрај намалувањето на бројот на вработени од 840 на 796. Причината за зголемените трошоци е измената на Правилникот за плати и наградување, со која се зголемил бројот на бодови за пресметување на платите. Оваа измена е усвоена од страна на Управниот одбор и почнала да се применува од јуни 2022 година, но Јавното претпријатие не добило согласност од од основачот, односно Владата за оваа одлука, што не е во согласност со законските прописи.
Ревизијата констатира дека во 2022 година, па се до денот на ревизијата Асфалтната база во Штип не работела, а производството на асфалт за оваа база го вршела Асфалтната база во Лепенец. Причината за оваа состојба е резултат на извршен инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за животна средина, по што издадено е Решение за забрана за работата и укинување на А – интегрирана еколошка дозвола, а поради прекршување на законот за заштита на амбиенталниот воздух. Од извршениот теренски увид и разговори со надлежните лица ревизијата доби информација дека се започнати активности за обезбедување на услови за добивање на интегрирана еколошка дозвола. Надминувањето на оваа состојба е значајно не само за заштита на животната средина, туку и за обезбедување на континуитетот во работата на Асфалтна база во Штип, како и намалување на транспортните трошоци на претпријатието.
Со извршената ревизија констатирани се и други состојби, неправилности и неусогласености од различна природа, кои влијаат на изразување на мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2022 година и неповолно мислење за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставени политики, соопштуваат од ДЗР.