Естонскиот Парламент, познат и како Риигикогу, ја прогласи Русија за „терористички режим“ и „држава која поддржува тероризам“ поради нејзината војна во Украина.
Поддржувајќи го повикот на украинскиот Парламент до земјите и меѓународните организации, Риигикогу го прогласува рускиот режим за терористички, а Руската Федерација за држава која поддржува тероризам, на чии дејствија мораме заеднички да се спротивставиме, изјави претседателот на естонскиот парламент, повикувајќи ја „меѓународната заедница да усвои слични декларации“.
Тој, исто така, нагласи дека ги смета руските платеници Вагнер, како и вооружените сили на самопрогласените „Народна република Доњецк“ и „Народна република Луганск“, за терористички организации.
Нуклеарните закани на рускиот претседател Владимир Путин, како што се наведува, „ја претворија Русија во најголема опасност за мирот во Европа и целиот свет“. Претседателот на Парламентот на Естонија, исто така, ја осуди војната на Русија и нејзината „незаконска анексија на територии“. Се оценува дека на Русија треба да и се одземе постојаното членство во Советот за безбедност на Обединетите нации.