Обидите на Европската унија да усогласи заедничка позиција кон Белорусија — поради серија инциденти со големи балони кои преминуваат во воздушниот простор на Литванија — се заглавени веќе неколку дена, откако Унгарија се обидува да го „разводни“ јазикот на предложената изјава.
Според извори на Политико, дипломат и двајца функционери кои зборувале под услов на анонимност, Будимпешта лобира изјавата да не го содржи ставот дека овие балонски летови претставуваат обид за дестабилизација на земјите-членки на ЕУ. Според нив, Унгарија сака да се избегне јасно обвинување кон Минск, иако повеќето држави сметаат дека станува збор за нов облик на „хибридна војна“.
Инцидентите започнале во вторникот, кога Литванија активирала мерки за воздушна одбрана поради „бран“ на големи балони, со големина приближна на автомобил, кои прелетувале од белоруската страна на границата. Овие летала, првично користени за шверц на цигари, предизвикале сериозни безбедносни проблеми во воздушниот сообраќај, доведувајќи до приземјување на неколку авиони и затворање на делови од границата.
Литванскиот министер за надворешни работи, Кестутис Будрис, изјави дека настаните ја покажуваат итната потреба од засилување на заедничките одбранбени капацитети на ЕУ и воведување нови санкции против Белорусија.
Премиерката на Литванија, Инга Ругињене, во понеделникот потврди дека земјата неограничено ќе ја затвори границата со Белорусија, нарекувајќи ги балонските инциденти „директна провокација“. Од другата страна, авторитарниот лидер на Белорусија, Александар Лукашенко, ја отфрли вината, тврдејќи дека реакцијата на Вилнус е „смешна и ситничарска“.
Овој нов дипломатски судир дополнително го заострува односот меѓу Брисел и Будимпешта. Премиерот Виктор Орбан веќе неколку пати ја блокирал или одложувал заедничката политика на ЕУ против Русија — од санкции за извоз на енергенси до кандидатурата на Украина за членство во Унијата. Во август, Унгарија одбила да ја потпише заедничката осуда на руските напади врз Украина, меѓу кои и ударот што ја оштети канцеларијата на ЕУ во Киев.
Поради тоа, тогашната изјава била објавена во име на преостанатите 26 земји-членки.
И постојаните мисии на Унгарија и Литванија во ЕУ одбиле да дадат коментар за најновиот спор, кој уште еднаш ја открива длабоката поделба во рамките на Унијата околу односите со Русија и нејзините сојузници, пишува Политико.












