Портпаролот на Европската Унија денеска изјави дека секоја одлука за каква било изградба по должината на реката Ибар – која ја дели Митровица на југ населен со Албанци и северен населен со Срби – мора да се донесе внимателно и на инклузивен начин, со целосно вклучување на сите засегнати заедници, јавува РСЕ на албански јазик.
Косовските власти имаат намера да изградат два моста од двете страни на главниот мост преку реката Ибар.
Движењето „Ветевендосје“, предводено од вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, во четврток објави фотографија на која се гледа како би изгледале двата моста.
Како што може да се види на објавените фотографии, новите мостови би се граделе од левата и десната страна на главниот мост, кој е дел од Договорот меѓу Косово и Србија за слобода на движење, постигнат во Брисел како дел од дијалогот за нормализација на односите.
„ЕУ не е запознаена со овој проект и не е вклучена во него“, изјави портпаролот на блокот во одговор за Радио Слободна Европа.
Изградбата на двата нови моста преку Ибар е планирана врз основа на меморандум за соработка меѓу Министерството за инфраструктура на косовската влада и општините Северна и Јужна Митровица.
Во среда, вршителот на должноста министер за инфраструктура, Либурн Алиу, објави дека потпишал „меморандум за поддршка на инфраструктурни проекти меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и двете општини со градоначалникот на Северна Митровица, Ерден Атик, и заменик-градоначалникот на Јужна Митровица, Аријана Тахири, во присуство на министерот за локална самоуправа, Елберт Красниќи.
Тој рече дека ова се прави „за поповрзан, пофункционален и подобар град за сите граѓани“.