По повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај, институциите на Европската Унија испратија силни пораки за поддршка на медиумските слободи и плурализмот, истакнувајќи дека тие се клучни вредности за секое демократско општество.
Европската комисија: Силна посветеност кон слободата и плурализмот
Европската комисија потврди дека останува посветена на заштита и промоција на слободата на медиумите и медиумскиот плурализам и во рамките на Европската Унија и на глобално ниво.
„Комисијата стои зад новинарите и силно ги поддржува во нивната работа, обезбедувајќи безбедни услови за нивно делување. Нашата мисија е да ја зајакнеме заштитата на независните медиуми и да го намалиме притисокот и неетичките практики што ја загрозуваат нивната работа“, се вели во официјалната порака.
Претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, ја истакна важноста на Европскиот закон за слобода на медиумите, кој ќе биде во фокусот на работата на Комисијата во периодот 2024–2029.
Европскиот парламент: Новинарството е ’рбетот на демократијата
Претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, изјави дека слободните медиуми се најсилниот штит на демократијата и дека новинарите мора да работат без страв од цензура, заплашување или одмазда.
„Парламентот ќе ја брани слободата на медиумите секој ден – не само на овој симболичен датум“, рече таа.
Потпретседателката Сабине Верхајен, која ја предводи работната група за имплементација на Европскиот закон за слобода на медиумите (ЕМФА), предупреди дека слободата на медиумите е сè уште под закана, дури и во некои земји-членки на ЕУ, што претставува сериозна закана за демократското уредување.
Фон дер Лајен: Почит за оние што ја бранат вистината
Во својата порака на мрежата X, Урсула фон дер Лајен се заблагодари на новинарите што неуморно работат во интерес на јавноста: „Тие повикуваат на одговорност, го кршат статус квото и често ја плаќаат највисоката цена. Независното новинарство е од витално значење.“
Каја Калас: Новинарството се соочува со закани без преседан
Високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Каја Калас, предупреди на алармантната состојба во која се наоѓа медиумскиот сектор. Таа посочи дека сè поизразената политичка репресија, насилството врз новинарите и недостатокот на финансии претставуваат сериозни закани по независното новинарство.
„Авторитарните режими и дезинформациските актери ја пополнуваат празнината што ја оставаат медиумите од јавен интерес, со што ја искривуваат вистината и го манипулираат јавното мислење“, истакна Калас.
A.M.