Починатиот осуденик Беким Демир, кој ја отслужувал казната во затворот Идризово, ден пред да почине го однеле во болница каде му се извршени неколку прегледи, вели за ЦИВИЛ Медиа, директорот на Управата за извршување на санкции, Јовица Стевановиќ.
„Еден ден пред да почине, осуденикот бил однесен на Клиника и му се извршени неколку прегледи. Тој имал рани на нозете, висок притисок, имал проблеми со варењето на храната пришто му се направи ехо на абдомен. Потоа е пуштен да се врати во затворот во Идризово, бидејќи требаше друг ден да му направат компјутерска томографска снимка. Меѓутоа во текот на ноќта на осуденикот му се слоши и со возило на Брза помош веднаш е префрлен на Токсикологија, каде што лекарите му пружија помош, но не успеале да го спасат“, вели директорот Стевановиќ.
Тој додава дека според информациите што ги добил од КПУ Идризово, починатиот осуденик Демир, бил заведен како зависник од 1995 година.
Причината за смртта е сѐ уште непозната, бидејќи се чекаат официјални резултати од обдукција.
Дехран Муратов