Вицепремиерот Арбен Фетаи синоќа во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21 изјави дека нема причина за саботирање на актуелната Влада, додека упати обвинувања кон лидерот на Алијансата за Албанците , Арбен Таравари, опишувајќи го како иницијатор на агенда што има за цел да ја врати Демократската унија за интеграција (ДУИ) на власт.
Фетаи нагласи дека владејачката коалиција ВЛЕН-АШ ужива широка популарна и меѓународна поддршка и дека владата останува стабилна, пренесува Порталб. мк.
„Обидот за отстранување на АA од Владата е во функција на сценарио за враќање на ДУИ. Таравари разговарал со Мицкоски за ова. Мицкоски наскоро ќе излезе и ќе открие сè. Тоа е погрешен пат што го следи господинот Таравари“, рече Фетаи.
Тој ја исклучи можноста за одржување на истовремени парламентарни и локални избори, нагласувајќи дека локалните избори ќе се одржат според распоредот. Според него, победници на овие избори ќе бидат коалицијата ВЛЕН и партијата ВМРО-ДПМНЕ.
„Нема двојни избори. Оваа дилема завршува вечерва“, изјави Фетаи.
Според него, Таравари немал законска основа да ја објави одлуката за отстранување на AA од Владата.
„Тоа не беше состанок на раководството, туку измислен формат, кој не е признат од партискиот статут. Вакви одлуки донесува само партиското собрание. Јас одбив да легитимизирам таков процес“, додаде тој.