Главната уредничка на The New Times, Евгенија Албатс, ја напушти Русија поради задушувањето на независните медиуми во таа земја. Албатс во видео обраќање на нејзиниот канал на Јутјуб рече дека сега ќе предава на Универзитетот во Њујорк во САД, пренесува МИА.
„Зошто конечно ја донесов оваа одлука да ја напуштам Русија? Ќе ви кажам, бидејќи веќе има четири управни постапки против мене, бев етикетирана како странски агент и ми беше јасно дека останаа само уште три или четири недели до моето апсење’, рече Албатс.
Таа нагласи дека за одлуката да ја напушти Русија разговарала со затворениот опозиционер Алексеј Навални, кој, како што рече, ја поддржал идејата.
На крајот на јули, руското Министерство за правда ја додаде Евгенија Албатс во регистарот на „странски агенти“.
Откако Русија ја започна инвазијата на Украина кон крајот на февруари, на Евгенија Албатс двапати и беше наредено да плати казни поради медиумското покривање на војната во Украина во нејзиниот весник, што руските судови го нарекоа ширење лажни информации за руските вооружени сили.
Многу новинари, активисти, политичари и други луѓе ја напуштија Русија откако Москва ја започна војната во Украина.
Во март, претседателот Владимир Путин потпиша закон со кој се бараат затворски казни за оние кои шират „намерно лажни информации“ за руските воени операции додека Кремљ се обидува да го контролира наративот за војната во Украина.