Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изјави дека руските воени единици во источна Украина не можат да бидат „мировници“, како што ги нарече рускиот претседател Владимир Путин, и ги отфрли неговите тврдења дека таму бил извршен „геноцид врз руското население“, пренесува Макфакс.
Гутереш рече дека е „загрижен поради искривување на концептот за зачувување на мирот“, пренесува „Ројтерс“.
Антонио Гутереш рече дека е загрижен за промена на концептот на мировните мисии откако Москва им нареди на руските војници да влезат во источна Украина за да го „одржат мирот“.
„Кога армијата на една земја влегува на територијата на друга земја без нејзина согласност, тоа не е непристрасна мировна сила. Тие воопшто не се мировници“, рече Гутереш, цитиран од „Ројтерс“.
Генералното собрание на Обединетите нации ќе се состане подоцна денеска за да разговара за ситуацијата во Украина, откако Русија ја призна независноста на двете самопрогласени републики во источна Украина.
Според Би-би-си, ова е пленарна седница, што значи дека на неа ќе можат да присуствуваат сите членови.
Кризата околу Украина ескалира во последните денови, откако рускиот претседател Владимир Путин потпиша декрети за признавање на самопрогласените Доњецка Народна Република (ДНР) и Луганската Народна Република (ЛНР)












