Хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ по средбата со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во Ерусалим изјави дека Хрватска ќе им помогне на соседните земји да влезат во Европската унија, јавува МИА.
„Можеме да направиме многу добри работи, но исто така и да потонеме во хаос. И затоа мора да го надгледуваме сето она што се случува околу нас и, што се однесува до Хрватска, да им помогнеме на соседните земји – БиХ и Северна Македонија – да влезат во Европската унија“, рече Грабар-Китаровиќ.
Во контекст на заедничките безбедносни закани, таа оцени дека е важно Хрватска и Израел заедно да се грижат за Европа и Медитеранот и дека соработката и заедничката борба против тероризмот и ширењето на оружјето за масовно уништување се најважни за безбедноста на двата народи.