Иран и Израел разменија нови напади во раните утрински часови, еден ден откако Техеран изјави дека нема да преговара за својата нуклеарна програма додека е под закана, а Европа се обиде да ги одржи мировните преговори, јави Ројтерс.
Според Ројтерс, иранската новинска агенција Фарс соопшти дека Израел го нападнал нуклеарниот објект Исфахан, еден од најголемите во земјата, но немало истекување на опасни материјали. Иранските медиуми, исто така, соопштија дека Израел нападнал зграда во градот Ком, при што првичните извештаи велат дека еден 16-годишник е убиен, а две лица се повредени.
Израелската војска соопшти дека започнала бран напади врз складишта за ракети и инфраструктурни локации за лансирање во Иран.
Кратко по 2:30 часот наутро во Израел (23:30 GMT во петок), израелската војска предупреди за претстојна ракетна баража од Иран, активирајќи сирени за воздушен напад низ делови од централен Израел, вклучувајќи го Тел Авив, како и на Западниот Брег окупиран од Израел.
Пресретнувања беа видливи на небото над Тел Авив, а експлозии одекнуваа низ метрополитенската област додека израелските системи за воздушна одбрана реагираа.
Сирени се огласија и во јужен Израел, изјави Маген Давид Адом, од израелската национална служба за вонредни ситуации. Израелски воен претставник изјави дека Иран испалил пет балистички ракети и дека нема непосредни индикации за какви било удари од ракети.
Нема првични извештаи за жртви во Израел.