• Latest

ИСТОРИСКИ ПАРАЛЕЛИ: Кога вистинските херои бргу ги ставаат во музеите

May 18, 2024
Фото: Скриншот од видео на 
CNN-News18

Израел дозволи влез на помош во Газа по 11-неделната блокада, ОН го нарече тоа „капка во океанот“

May 19, 2025
Фото: Скриншот од видео на Hindustan Times

По разговорот со Трамп, Путин сè уште одбива целосно примирје, повторно ги наведува руските „коренити причини“ за војната во Украина

May 19, 2025
Фото: Скриншот од видео на Hindustan Times

Русија и Украина веднаш ќе започнат преговори за прекин на огнот, објави Трамп по двочасовниот разговор со Путин

May 19, 2025

24 ЧАСА: Уставен остана без судија; Љубчо Георгиевски за општеството на српска страна за геноцидот во Сребреница; Антимигрантска параноја; Романија избра проевропски претседател

May 19, 2025
Фото: ЦивилМедиа

Конференцијата „Сребреница – совеста на светот“, на 30 годишнината од геноцидот во Сребреница – демократски одговор на антицивилизациското негирање на геноцидот

May 19, 2025

Оливие Ведрин: Престанете да ѝ помагате на Украина да преживее, помогнете ѝ на Украина да победи

May 19, 2025
Фото: Фејсбук страна Meanwhile in Ukraine

Боно, Еџ и Шон Пен се појавија на црвениот тепих на Канскиот филмски фестивал со украински војници

May 19, 2025
Фото: Х на Володимир Зеленски

Зеленски му подари на папата Лав XIV икона насликана на фрагмент од сандак за муниција донесена од Изјум

May 19, 2025

Од локални решенија до регионално влијание: Недела на циркуларна економија 2025

May 19, 2025

Каде затајува системот: Кој ги штити девојчињата од сексуални предатори?

May 19, 2025
CivilMedia
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • ИЗБОРИ
  • ОПШТЕСТВО
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
No Result
View All Result
CivilMedia
No Result
View All Result
Home АНАЛИЗИ

ИСТОРИСКИ ПАРАЛЕЛИ: Кога вистинските херои бргу ги ставаат во музеите

May 18, 2024 16:34
in АНАЛИЗИ, ПОЛИТИКА, СЛОБОДНА ЗОНА, ТОП 5
Share on FacebookShare on Twitter
  • Черчил беше вистинскиот човек за вистинската работа во вистинско време. Еден од големата тројка на антихитлеровската коалиција падна од власта само што стивнаа топовите во Европа! Каква е таа меморија на риба кај јавното мислење?
  • И кај нас имавме политичари кои во изминатите години добија три битки: со епидемијата, со енергетската криза и конечно со одржувањето на економијата во продуктивна форма во услови на светска економска криза. И заминуваат кога состојбите се нормализираат, благодарение на нивниот ангажман!?

ЉУБОМИР КОСТОВСКИ

Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА

Кога заврши Втората светска војна во Европа, британските гласачи го симнаа Винстон Черчил од функцијата премиер. Практично експресно и дури демонстративно, не респектирајќи ги неговите заслуги кога не само што ја одбрани Британија, туку и светот од нацистичката агресија.

Деновиве може да се запрашаме зошто се поразени оние кои толку сторија за својата земја и народ – кои нè однесоа во НАТО, се најдоа пред вратите на Брисел, успешно ја надминаа здравствената, енергетската и економската криза воопшто, што нè нападнаа во кус временски период?

Зошто беа наградени токму оние кои постојано го блокираа одењето напред, подигнуваа рачни сопирачки на секој план – од месна заедница до референдумски и други прашања од клучен национален интерес, како што беше пописот на населението, за да му дадат власт на човекот кого странскиот фактор веќе го нарече „продавач на стари автомобили“ или поинаку речено – измамник кому не треба да му се верува?

ГОЛЕМАТА ТРОЈКА Черчил замина од власта штом стивнаа топовите, Рузвелт почина од тешка болест пред крајот на војната, а Сталин осум години потоа

Како лидерот на антифашистичката борба изгуби избори веднаш по крајот на војната?

Оваа дилема околу трајноста на заслугите произлегува делумно од резултатите на нашите претседателски и парламентарни избори, но и од фактот што деновиве светот одбележува 79 години од големиот Ден на победата, па мислата отиде неизбежно кон ликовите на Големата тројка, која, на својот грб го изнесе товарот на победата.

Винстон Черчил, како еден од нив, на тој ден, од страна на своите сограѓани, практично веднаш беше турнат во архивите. Дури иако со години реално осамен, кога говориме за Тројката, стоеше наспроти Хитлер и неговата солдатеска, додека Рузвелт калкулираше со својата независност сè до катастрофата во Перл Харбур а Сталин ги користеше „придобивките“ од пактот Молотов – Рибентроп.

Да им биде на читателите појасно: џинот на антифашистичкиот отпор во Европа, Африка и Далечниот Исток – Черчил, на општите избори во Обединетото Кралство одржани на 5 јули 1945 година катастрофално изгуби, овој пат како лидер на Конзервативната партија. Претходно, од 1940 година, заедно со другите партии беше основан воен кабинет во кој главните политички конкуренти лабуристите го имаа местото број два – значи постоеше заедничко управување со државата и еден пакт на ненапаѓање заради општите цели на одбраната. Претходно, од страна на лидерот на лабуристите, „политичарот број два“ беше одбиено барањето на Черчил изборите да се одржат до крајот на војната на Далечниот Исток, или барем еден месец подоцна од закажаниот термин, додека капитулацијата на Јапонија, како дефинитивен крај на војната, се случи во август истата година

Конечниот резултат од изборите покажа дека лабуристите извојувале убедлива победа, освојувајќи 47,7% од гласовите на народот и постигнувајќи мнозинство од 145 места во Парламентот. Со тоа му овозможија на Атли да биде назначен за премиер. Овие избори ја одбележаа „премиерата“ –  Лабуристичката партија за прв пат да освои целосно мнозинство во Парламентот и му дозволија на лидерот Атли да започне со спроведување на повоените реформи за земјата.

Воедно, за конзервативците, победата на лабуристите беше шок, бидејќи, освоија 36,2% од гласовите и водеа кампања врз основа на погрешното уверување дека Черчил ќе победи додека луѓето го фалат неговиот придонес во војната. Од другите две големи партии, Либералната партија се соочи со сериозен удар со освоени 9 отсто, пред сѐ заради загуба на популарноста во урбаните области, вклучувајќи го и родното место на нејзиниот лидер, Арчибалд Синклер. (повеќе, на линкот на Википедија)

Факт е дека гласачите потоа сфатија дека направиле грешка и на следните општи избори во 1951 година конзервативците одново владеат со Парламентот, а Черчил остана активно вклучен во политиката и се врати како премиер.

АТЛИ СО КРАЛОТ ЏОРЏ ШЕСТИ Додека некој водеше војна, лабуристот ја готвеше мирнодопската влада

Јавно мислење со меморија на риба

Како се случи тој блам од 1945 година, нѐ интересира и денес. Како некаква поука во насока да си одговориме зошто јавното мислење има меморија како риба (научниците велат дека сеќавањето за некој настан кај овие животни трае од 2 до 4 секунди), колку бргу ги заборава моментите на големиот придонес, една надмоќна стратегија и храброст, за одеднаш придобивките да ги добие некој кој бил во сенка, како Атли! Па, да бидеме и малу злобни, споменатиот лабурист некако имал повеќе време и простор да ја готви својата поствоена стратегија.

Имено, анкетите од февруари 1945 г. покажале силен, надмоќен рејтинг за Черчил, но лабуристите очевидно си граделе поствоена стратегија која секој нареден месец ја менувала ситуацијата. Но, во мај 1945 година односот ториевци – лабуристи сепак изнесувал 84:16 отсто, а за еден месец сето тоа се срушило на земја, буквално со тресок. Само што  стивнале топовите!

Ралф Ингерсол го објаснува тоа вака: „Секаде каде што одев во Лондон, луѓето се восхитуваа на енергијата (на Черчил), неговата храброст, неговата цврста определеност да оствари некоја цел. Луѓето велеа дека не знаат што ќе направи Британија без него. Очигледно беше почитуван. Но, никој не чувствуваше дека ќе биде премиер после војната. Едноставно беше вистинскиот човек на вистинската работа во вистинско време.“

И од денешен ракурс, гледајќи ги актуелните политички состојби после изборите кај нас може да се запрашаме – постојат ли политичари кои треба да се истрошат кога е тешко, најтешко, кога постојат ризици од хаварија на целиот систем, на државата, кога можеби ќе се преземат чекори како за вонредни ситуации, кои можат да повредат интереси на одредени моќници, групи или асоцијации, но се остваруваат далеку поголеми, историски цели.

ПРОСТУВАЊЕ ОД ПРВОБОРЕЦОТ Црвенковски почина три децении по смената, а никој не побара од него барем некое интервју…

Експресен заборав за лидерот на југословенскиот либерализам

Прва таква жртва во поновата македонска историја, кога земјата направи голем исчекор во општествениот развој, во секој поглед, секако беше во времето на Крсте Црвенковски (1921- 2001), кој како извонреден ерудит, речиси исклучок во тогашниот политички апарат во Македонија и во најшироки, федерални рамки, го тргна репресивниот апарат и постави сосема поинакви рамки на идниот полиберален начин на сфаќање на односите во општеството. По негова заслуга се отиде подалеку во устоличување на МАНУ, во инаугурација на независната црква, ги постави темелите на многу национални институции. И што доживеа?

Целосен заборав. Неговиот случај е илустрација за комплетен колапс на историската меморија! Пред чинам две години се одржа некаков симпозиум (еднодневен!) во МАНУ од кој не видовме никаков пишан резултат, некоја збирка на поднесените реферати. Во институцијата која практично тој ја основаше и даде простор да се појави, а беше омразен од една огромна групација на центристички сили во тогашната федерација… Односот кон него едноставно е повеќе од срамен. Како и кон други основачи на институцијата, Славко Јаневски, на пример.

АТЕНТАТ Глигоров долги години ја носеше големата лузна како последица на атентатот, но секако повеќе го болеше омразата што кон него се создаваше дома

Двојниот атентат врз Глигоров

Во листата на недостојно испратени политичари кои одиграле клучна ролја за поновата историја на земјава, би требало да се спомене секако и можеби пред сѐ првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров (1917 – 2012) кој два пати беше на таа функција. Неговата политичка зрелост секако правеше вистински стратешки кристијании низ драматичните настани, па и вистински војни со стотици илјади жртви во регионот, за да ја тргне опасноста по својата земја. Тогаш бевме оаза на мирот, како што нѐ нарекуваа, иако имаше секако и такви поединци, групи, па би се рекло и партии, кои велеа дека „нема свадба без крв!“. Нашето членство ОН секако беше првото меѓународно устоличување на младата држава во меѓународни рамки. Атентатот врз него во 1995 година јасно покажа дека рушењето на земјата треба да почне со девастацијата на неговиот пиедестал. Но ја покажа и неговата ценетост во рамките на сериозната меѓународна политика.

Ова сето очекувано доведе до негов силен углед во поголем дел од јавноста, со исклучок на неколку партии, пред се од десницата (ВМРО ДПМНЕ) и потоа во политичкиот центар (ДА на Тупурковски), со кои беше тешко да се колаборира во периодот после нивното преземање на власта. Во дел од либералите, кои го грабнаа капиталот на социјалистичката изградба во траење од 45 години, дури се појави и своевидна иницијатива за некаков комплот, удар преку медиумите, што беше крајно нечесна пресметка со неговиот сјаен, историски придонес за земјата.

Ова се случи преку аферата лиферувана на извесен новоформиран журналистички центар. Кој, за волја на вистината, брзо исчезна, откако ја оствари својата ролја. Да не одиме во детали, но ова означи колку ли само чистиот политички профит за заедницата е лизгав и неодржлив во валканицата на примитивната политика, водена или од национализмот или од потребата на транзиционите богаташи да ги земат политичките узди. Со толку противници тешко се излегува на крај.

Разрешницата од таквата ситуација доведе до низа неповолни движења во земјата, појавата на меѓународни блокади, тајванската афера ги тргна меѓународните заштитни огради околу земјава, се појавија герилски одреди во планините на северна и северозападна Македонија, па плановите за поделба на земјата со граница кај Групчин, истата онаа од периодот 1941-1945 година…

Па дури и подржана од првиот човек на МАНУ и молчешкум дочекана од повеќето нејзини членови. Многу превртувања имаше тогаш во земјиштето на партизанските гробишта… Беше ли тоа ситуација која укажува на куса, експресна ревизија на историските дострели за што се водени тешки и долги борби и се стекнала независност. И сѐ било релативизирано, дури и од наши колеги од кои некои заминаа во новите медиуми што станаа дел од споменатиот комплот против Глигоров?!

50:50 ПОДЕЛЕНОСТ Изборните резултати во 1951 година покажаа дека Велика Британија е поделена, но премиерското место, сепак, му припадна на човекот кој успешно ја водеше нацијата низ Втората светска војна

Херој, душман и одново херој

Кусото владеење на социјалдемократите (2002 – 2006) беше само пауза во која истите регресивни сили не мируваа. Правосудството беше комплетно окупирано од тогашната опозиција, правдата понижена, а стекнатата позиција на полуотворена бриселска врата не ја смени судбината. Може да се рече дека, како и Черчил, чија партија требаше да ги преземе гревовите на минатото за што, како гарнитура, немаше влијание (големата економска криза од 1930 година и отсуството на „њу дил“ на Островот), а кои наеднаш се повампириле во сосема новосоздадени околности, реалноста на рестрикциите (разбирливи за големата војна) просто одеднаш се претворија во сунѓер со сапуница која треба во име на подалечното минато да ја избрише шофершајбната на современоста!

Ова го потврдува и историчарот Хенри Пелинг, истакнувајќи ги „широките стравувања од враќање на високата невработеност од 1930-тите…“

Ова треба да се спомене во однос и на поновата македонска историја, бидејќи, власта на социјалдемократите во овој период (2002-2006) беше оптоварена со Охридскиот договор и неговата примена, а кој за голем дел од етничкото македонско население беше сметан за „издајнички акт“ кој соодветно треба да биде игнориран како дел од некаков меѓународен притисок. Партијата која немаше одговорност за настанокот на судирите, напротив, требаше да ја преземе „вината“, кај овие гласачи како штафета од оние кои беа директно инволвирање во настанувањето и текот на судирот од 2001 година. Откако гласачкото тело ја казни партијата ВМРО-ДПМНЕ „за поразот“ на оној 15-ти септември (2002 година), истиот просто очекуваше прескокнување на Охридскиот договор во реалниот живот.

Тука секако влегува и судбината на шефот на државата Борис Трајковски, кој влезе во претседателската трка во 1999 година, со реторика која сакаше да ја слушне дел од гласачите, потоа за промена презеде одговорна улога во време на воениот конфликт. Поддршката што лично ја имаше од американскиот претседател Буш Џуниор не се сметаше за „добредојдена“(!), а неговиот рејтинг падна на само 2 отсто, што секако беше некаков минимум кој за оваа функција бил познат во периодот по стекнувањето на независноста. И сега внимавајте – неговата смрт во авионска несреќа, која кај јавноста сѐ уште се прима со скепса и се третира како дел на меѓународна завера, доведе до коперникански пресврт: погребот на претседателот Трајковски наеднаш направи од него пример за лична жртва за добробит на нацијата!

Такви пресврти секако не се објасниви никако поинаку, освен дека голем дел од јавното мислење е под контрола со далечински управувач!

Неговата партија, која се одрекна од него, потоа го стави неговото име на веројатно најдолгиот булевар во Скопје. Има ли тука некакво рационално објаснување? Има. Кај народ кој е „воспитан“ на драматургијата на сапунските опери, порано јужно-американски а подоцна турски, кои ги „краси“ мелодрамското однесување, односно наглата промена на расположението кон јунаците на ТВ екранот.

Кога тоа ќе се комбинира со политичка сторија делува експлозивно. Мелодрамите се делотворни кога излегуваат од малите екрани. А видете ја програмската содржина на нашите мејнстрим тепевизии – ред серии, па фингирани вести, па пак серии, па исти вести…

ТОВАРОТ НА ОХРИДСКИОТ ДОГОВОР Од неговата партија го воздигнаа до небо, потоа му го симнаа рејтингот речиси на нула, а по смртта, од ВМРО-ДПМНЕ одново го присвоија

Долгата сенка на диктатурата

Да скокнеме во поблиските години. По 11-годишна диктатура откриените разговори на врвот на полит-мафијата кај нас предизвика масовни немири по што партијата ВМРО-ДПМНЕ изгуби во трката за задржување на премиерската позиција. Не беше тоа соодветно на реакциите на јавноста, бидејќи, како кај споменатите мелодрами, тогашната власт на Груевски имаше максимална поддршка кај сите главни медиуми, посебно оние со слика и тон.

Не беше тоа многу среќен период за оние кои стекнаа одговорност за водење на државата. Мина многу време во одбегнувањето на предавањето на власта, постоеше и обид за државен удар во Собранието на 27 април 2017 година, кога навистина беше и крваво и опасно по оние кои ја презедоа власта. Како во вистинска војна, со завиткани глави со завој и еден речиси мртов политичар однесен во блиската болница под превезот на божемната смрт на човекот…

Пак имаше еден пресврт во гласањето, па по некој месец на локалните избори дотогашната власт доживеа дебакл. Би се рекло дека беше премногу рано да се заборави битката во Парламентот, а шокот од неуспешното насилно задржување на власта се прелеа во гласачките кутии.

За кусо, бидејќи, дојдоа настани кои беа историски (Преспанскиот договор, влезот во НАТО, па колебливоста на Унијата за прием на нови членки), а наполнетите батерии за поддршката лесно се испразнија, бидејќи сите тие настани се ставаа во негативен медиумски контекст. Дури, иако одговорните водеа три големи битки, кои повторно беа светски и ги добија со многу скромни ресурси во секој поглед.

Пандемијата во земјава беше совладана полесно и побрзо отколку во соседните земји, иако во таа пресметка влеговме без соодветни капацитети, соочени со себичност на светската (богата) заедница на стартот во однос на неопходните вакцини, но со делумна дисциплинираност на граѓанството, за што, сепак, треба да се пофалат – властите!

ДОБИЕНИ ТРИ БИТКИ Ја победија короната со минимални ресурси, го спасија стопанството во време на економската криза, земјата имаше енергија кога стана критично…

Сите околности водеа кон депресија, а Владата стана и менаџер на речиси сите компании во земјава, онака како во војна, а вработените и пензионерите сепак успеваа да го добијат она што го заслужуваат. Поранешниот претседател Иванов би рекол – „изгледа чудно, ама делува“. Веќе тука помагаше и ЕУ, но не со невидливи милијарди, што сега ги нуди кандидатот за нов премиер Мицковски, како да е тоа некоја добивка на затворена партија покер, а не задолжување за државата.

Војната во Украина создаде проблеми со енергијата и со храната и предизвикаа инфлација, одново во светски рамки, ама и таа криза се надмина. Беше ли лесно? Можеше ли секаква влада тоа да го надмине?

Секако не, напротив, тука постоеше и дисциплина и енергичност во пресметка со поставените додатни пречки во форма на секојдневни бојкоти од опозицијата. Како оние килави протести дека „струјата енормно ќе поскапи“, или нема плати во туризмот, па нема ваму, нема онаму, кога нашите славни менаџери, на чело со претседателот на Комората не знаеја ни како се викаат, владата со министрите обезбеди безбедна живеачка.

Победникот во војната, губитникот во мирот, Черчил, дојде одново на власт во 1951 година, веќе на следните избори. Дали тоа кај нас би било можно, со оглед на гласачкото тело кое ги помни само грешките во мигот, посебно кога се тие пропагандна конструкција, подржана од медиумската тешка артилерија? Тешко е да се каже, како што рече експретседателот Пендаровски – во време на ВМРО никогаш немало чесни избори. За разлика од оние организирани од Британците.


Специјално за ЦИВИЛ МЕДИА. Текстот е личен став на Авторот.
Print Friendly, PDF & Email
Share33Tweet21Send

НАЈЧИТАНИ 5

  • Љупчо Георгиевски, претседател на ВМРО НП (Фотографија: Џ. Дерала/ЦИВИЛ)

    Георгиевски: За време на геноцидот во Сребреница, најголемиот дел од македонското општество беше наклонет кон Србија, за што секој искрен Македонец треба да се срами

    97 shares
    Share 39 Tweet 24
  • ФБИ: Фаталната експлозија во близина на клиниката за плодност во Палм Спрингс е терористички чин 

    89 shares
    Share 36 Tweet 22
  • Ахмедин Шкријељ, СДА Санџак, Србија: Ниту една пропаганда не може да го избрише фактот дека имаше геноцид во Сребреница

    87 shares
    Share 35 Tweet 22
  • Група британски парламентарци бараат санкции против Вучиќ и промена на политиката кон Србија

    86 shares
    Share 34 Tweet 22
  • Иднината на земјата меѓу гробницата на Александар и младите луѓе

    86 shares
    Share 34 Tweet 22

CIVIL MEDIA NEWSLETTER

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

CivilMedia

СЛОБОДНО.НЕЗАВИСНО.ОТВОРЕНО

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • АВТОРСКИ ПРАВА
  • Политика на приватност
  • МАРКЕТИНГ

Следете нè

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ВЕСТИ
  • ПОЛИТИКА
  • СЛОБОДНА ЗОНА
  • АНАЛИЗИ
  • РЕГИОН
  • СВЕТ
  • ВОЈНА ВО УКРАИНА
  • ДЕЗИНФО
  • ФОРУМ
  • ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
  • МАРКЕТИНГ
  • ИМПРЕСУМ