По дводневна дебата, Собранието ја изгласа новата влада на Република Северна Македонија, 62 пратеници му дадоа на Зоран Заев нов четиригодишен мандат за спроведување на нова владина програма, а 51 гласаа против, двајца воздржани, а 5 пратеници не беа присутни.
На гласањето и предходеше експозе на премиерот Заев кој најави план за справување со пандемијата, нови иновативни политики за економски развој, намалување на невработеноста и покачување на платите од 20 до 40 отсто. Приоритети на новата Влада ке бидат и владеењето на правдата, борбата против корупцијата и преговорите за членство во Европска Унија. Од друга страна опозицијата ја користеше говорницата за обвинувања кон власта и мнозинството, а често пати упатуваше и навреди со грди зборови за што создаваше и неколку тензични ситуации.
Вториот владин кабинет на Заев го сочинуваат 19 министри, седум помалку од претходната Влада.
Премиерот има четворица заменици, Љупчо Николовски, кој е избран за вицепремиер за борба против корупција, Артан Груби – прв вицепремиер и министер за политички систем, како и Фатмир Битиќи – вицепремиер за економија и Никола Димитров – вицепремиер за европски прашања.
За членови на Владата се избрани: Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Радмила Шекеринска – министерка за одбрана, Бојан Маричиќ – министер за правда, Благој Бочварски – министер за транспорт и врски, Венко Филипче – министер за здравство, Мила Царовска – министерка за образование и наука, Јахода Шахпаска – министерка за труд и социјална политика и Ирена Стефоска – министерка за култура, Бујар Османи – министер за надворешни работи, Фатмир Бесими – министер за финансии, Крешник Бектеши министер за економија, Насер Нуредини министер за животна средина и Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација, Аријанит Хоџа – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и Горан Милевски министер за локална самоуправа.
Владината коалиција на СДСМ и другите партии од коалицијата „Можеме“, ДУИ и ДПА, во Собранието има парламентарно мнозинство од 62 пратеника, избрани на предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15 јули годинава.
А. Зеќири












