Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска денеска заедно со другите обвинети од УБК ги презентираше завршните зборови пред да се изрече пресудата за случајот „Таргет Тврдина“ – која се навестува веќе за 26 февруари.
Јанкулоска целата вина ја префрли на комисијата формирана во УБК, не знаејќи дека потпишува согласност за уништување на опремата за прислушување, бидејќи највисоките правници во МВР не увиделе и не и посочиле дека незаконски ќе се уништува опрема надвор од процедурата, поради тоа што не била застарена. Самите членови на Комисијата потврдиле дека од неа не добиле никакви насоки за тоа што го презеле, а според неа не требале, бидејќи не нашле застареност. Според неа, треба да се разјасни дали Комисијата се држела до мандатот што го добила и што било причината за тоа, додавајќи лична оценка дека таа целосно ги игнорирала упатствата за работа, нејзиниот претседател иако бил лично одговорен, не го спречил уништувањето на системот.
Во Сведочењето Јанкуловска го опиша прислушкувањето како незаконско, монструозно, нелегално, злоупотреба на овластувањата и слично. Таа во ниту еден момент во својата одбрана не го спомена првиот човек на Управата Сашо Мијалков, туку вината беше насочена кој Грујевски и Комисијата за попис на опремата, истовремено претставувајќи се себеси како најголема жртва бидејќи била најдолго прислушувана.
На забелешката на обвинителите дека како министер требало да се запраша од кои причини по редовен попис се вршел вонреден попис и се донела одлука за уништување на опрема, Јанкулоска образложи дека решението било проследено на потпис кај нејзе како сосема рутинска работа, без никакви забелешки.
„Јас немав никаков мотив да учествувам во ваков чин поврзан со монструозно кршење на човековите права“, тврдеше Јанкуловска. „Јас и моето семејство трпевме и се уште трпиме огромни последици од овој случај со прислушкувањето. Се уште трае медиумскиот линч кон мене и сите мои права се ограничени. Јас имам силен мотив овој скандал еднаш засекогаш да се расчисти до крај. Ова ќе биде мала, но значајна сатисфакција за жртвите, како што сум јас. А, јас добив обвинение место да бидам третирана како жртва“, рече Јанкуловска.