Што прави, пак, нашата влада за да покаже дека има јасен геополитички избор? Деновиве по вторпат во ОН остана воздржана околу резолуција, која рутински беше усвојувана досега,а во која има дел со поддршка за Украина и се залага за соработка на ОН со Советот на Европа, во чиј опис на работа е главно заштита на човековите и малцински права и кој се смета како предворје на ЕУ и како услов да се биде членка на Унијата.
И да нема таква тежина резолуцијата, нашето повторно престројување кон политиката на администрацијата на Доналд Трамп, од кој засега имаме само царини и укинување на помошта, е нов нож во грбот на Европската унија со која до скоро имавме сто отсто усогласена надворешна политика и за која тврдиме дека делиме исти вредности.
Тоа е срамен однос и кон Украина, земја која и даде поддршка на Македонија за време на војната во 2001 година и земја која на некој начин ни го отвора патот кон ЕУ, бидејќи сите разговори за укинување на ветото за проширувањето се мотивирани од тоа да нема пречка на преговорите со Кијив за ЕУ членство.
Слободанка Јовановска, Независен.мк, извадок од колумната „Колку побрзо оди ЕУ кон проширување, толку повеќе кочи Македонија“.