Апелацискиот суд Скопје не го прифати барањето на одбраната на осомничениот Бојан Јовановски – Боки 13 во случајот„Рекет“ да му се укине мерката притвор.
По разгледувањето на жалбата, Судот одлучил дека се уште постои опасност Боки 13 да побегне, како и да го повтори делото. Јовановски на вчерашната јавна седница во Апелацискиот суд се пожали дека тоа што физички изгледа добро, не ја отсликува неговата реална состојба.
Тој денеска точно напладне од истражниот затвор во Шутка ќе биде спроведен во Обвинителството за организиран криминал каде ќе одговара на прашањата на обвинителката.
Останатите осомничени Зоран Милески Кичеец и екс шефицата на Специјалното јавно обвинителство Катица Јанева тоа ќе го сторат во следните неколку дена.
Јовановски се товари за кривичните дела „примање награда за противзаконито влијание“ и за „перење пари и други приноси од казниво дело“, односно за изнуда од 1,5 милиони евра од скопскиот бизнисмен Јордан Камчев во замена за негово ослободување од притвор. Тој беше приведен на граничниот премин „Богородица“ на 15-ти јули годинава, и оттогаш е во притвор.
М. И.