Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас вечерва во Брисел ќе биде домаќин на неформална вечера за шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан, соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Вечерата се одржува по вчерашниот „Форумот за проширувањето на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“, на која беше реафирмирана силната поддршка на блокот на пристапниот процес базиран на заслуги, и во пресрет на утрешниот Совет за надворешни работи на ЕУ, на кој, според најавите од Атина, ќе биде презентирана грчка иницијатива за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Целта на оваа иницијатива е реафирмација на грчката позиција за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот и за „забрзување на патот на Западниот Балкан кон европското семејство“.
Во пакетот извештаи на Европската комисија за напредокот на земјите кандидати за членство на нивниот европски пат, објавен на почетокот на месецов, меѓу другото беше оценувана и нивната усогласеност на заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ресор што го покрива Калас.
Во однос на земјава беше оценето дека таа е целосно усогласена со оваа европска политика. Слични оценки за усогласеност беа дадени и за останатите земји од регионот, со исклучок на Србија.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Брисел ќе присуствува на неформалната вечера на Советот за надворешни работи на Европската Унија, по покана на високата претставничка на ЕУ, Каја Калас.
На состанокот е предвидено да се разговара за унапредување на соработката меѓу Европската Унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.
-Во рамки на посетата на Брисел, министерот Муцунски ќе има и одвоени средби со европската комесарка за проширување, Марта Кос, како и со Глен Микалиф, европски комесар за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, стои во соопштението на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.












