Европската Унија ќе го преиспита договорот што ги регулира нејзините политички и економски врски со Израел поради „катастрофалната“ ситуација во Газа, изјави вчера високата дипломатка на ЕУ, Каја Калас, по состанокот на министрите за надворешни работи на блокот, јавува Ројтерс.
Меѓународниот притисок врз Израел се зголеми во последните денови поради поплаките за недостатокот на хуманитарна помош што стигнува до Газа и откако владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху започна нова воена офанзива во енклавата.
Калас рече дека „силно мнозинство“ од министрите што се состанаа во Брисел се залагаа за ревизија на договорот со Израел, познат како договор за асоцијација, во однос на настаните во Газа.
Дипломатите рекоа дека 17 од 27-те членки на ЕУ го поддржале прегледот, кој ќе се фокусира на тоа дали Израел се придржува до клаузулата за човекови права во договорот, а бил предложен од холандскиот министер за надворешни работи Каспар Велдкамп.
Д. Т.