Претседателот на Движење Беса, Биљал Касами од Тетово денеска информираше дека во текот на неделата партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ ќе именуваат вкупно 23 свои претставници за претседателство кое ќе се формира за новата партија со истото коалициско име. Тоа претседателство ќе формира и статут, според кој ќе се избира претседател и партиски тела.
– Треба да имаме еден заеднички орган кој ќе одлучува понатаму, статутарна комисија која ќе ги определи сите прашања, како се избира претседателот, органот на раководење со партијата, кои ќе бидат тие, механизми за контрола и за балансирање затоа што се работи за повеќе субјекти кои треба во еден природен процес да станат еден субјект. Прво што е важно веќе е донесена одлуката да имаме заедничко претседателство која ќе ги определи понатамошни чекори кон соединување. По закон треба да заврши целиот овој процес, со заеднички конгрес и формална одлука за запишување во Централен регистар, изјави денес Биљал Касами за медиумите, по општински настан на плоштадот.
Според Касами, коалицијата има добиено 107 илјади гласови и претставува репрезентативен претставник на гласовите кај Албанците.
– Ние како коалиција добивме 107 илјади гласови, од една коалиција која се сочинуваше од албански политички партии. Знаеме дека другите коалиции беа мултиетнички и во овој дел, особено коалицијата на ДУИ не може да се повикува на застапување на правата на Албанците во државата, а цениме дека ги добивме тие 107 илјади гласови за да ги претставиме Албанците и другите граѓани во оваа влада. Било кој да се отцепи од оваа коалиција, ја нема поддршката на овие 107 илјади гласови. Затоа цениме дека овие 107 илјади гласови се нашиот легитимитет да ги претставиме тие гласови во Владата, истакна Биљал Касами.