Специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, на 27 мај го критикуваше поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев за коментарите што алудираа на заканата од Трета светска војна, нарекувајќи ги „неразумни“ и „несоодветни за светска сила“, пренесува Кијив Индипендент.
„Претседателот Трамп работи на запирање на оваа војна и прекинување на убиствата. Чекаме прием на (рускиот) Меморандум што го ветивте пред една недела. Прекин на огнот сега“, објави Келог на X.
Stoking fears of WW III is an unfortunate, reckless comment by @MedvedevRussiaE and unfitting of a world power. President Trump @POTUS is working to stop this war and end the killing. We await receipt of RU Memorandum (Term Sheet) that you promised a week ago. Cease fire now. https://t.co/Mq2NxLyw2V
— Keith Kellogg (@generalkellogg) May 27, 2025
Коментарите на високиот претставник дојдоа како одговор на твитот од Медведев во кој се споменаа неодамнешните предупредувања на Трамп до рускиот претседател Владимир Путин.
„Во врска со зборовите на Трамп за тоа дека Путин „си игра со оган“ и „навистина лоши работи“ што ѝ се случуваат на Русија. Знам само за едно навистина лошо нешто – Трета светска војна“, напиша Медведев. „Се надевам дека Трамп го разбира ова!“
Коментарите на Медведев се однесуваат на неодамнешните објави на Трамп на Truth Social, во кои тој реагираше на руските воздушни напади врз Украина за време на викендот, вклучувајќи го и најголемиот напад со беспилотни летала од почетокот на целосната инвазија. Во објавите, Трамп го нарече Путин „луд“ и го предупреди дека „си игра со оган“.
Претседателот на САД сè повеќе изразува фрустрација од застојот во мировните напори, сигнализирајќи подготвеност да се повлече од процесот. И покрај постојаните закани за санкции, Трамп не наметна никаков дополнителен притисок врз Москва за да ја поттикне кон договор за прекин на огнот.
Русија постојано го отфрла предлогот на Кијив и неговите западни партнери за безусловно примирје. По руско-украинските преговори во Истанбул на 16 мај, руското раководство изјави дека ќе презентира меморандум за мирно решавање.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека одложувањата на Русија во презентирањето на документот се „потсмевање на целиот свет“.
М. Д.