Претседавачот г. Талат Џафери за денеска 21 август 2020 година, во 12 часот го закажа продолжението на Првата-Конститутивна седница на Собранието на Република Северна Македонија.
Во врска со одржувањето на првото продолжение на Конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, а со цел целосно да се испочитуваат безбедносните протоколи предвидени од Комисијата за заразни болести, Ве информираме дека:
За да се избегне поголемо групирање, Конститутивната седница ќе може да ја следат само двајца претставници од секој медиум, односно само оние што веќе се пријавени до Одделението за односи со јавност на Собранието за седницата што беше закажана за 4 август 2020 година.
Претставниците од медиумите, како и досега, влегуваат на влезот кадешто е пријавницата и со себе треба да носат документ за лична идентификација.
Претставниците на медиумите пренос од седницата ќе можат да следат во салите 3 и 4 во Прес центарот на Собранието на Република Северна Македонија.
Бидејќи присуството во Големата сала, каде што ќе се одржува Конститутивната седница, ќе биде ограничено, инсерти и фотографии ќе можат да направат само една камера од МРТВ и службени фотографи ангажирани од Собранието на Република Северна Македонија.
По завршувањето на седницата, изјави ќе можат да се дадат во Кристалната сала на Собранието на Република Северна Македонија, каде што за таа цел ќе бидат обезбедени соодветни технички услови и соодветна физичка дистанца.
Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието на Република Северна Македонија нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во Прес центарот.
Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска.