Повторен обид за утврдување на датум за одржување на предвремените парламентарни избори во земјава на лидерите на политичките партии кои на пладне ќе се сретнат кај претседателот Стево Пендаровски.
Претходно закажаните избори за 12 април се одложија со уредба на Владата поради пандемијата од КОВИД-19 и ризикот од ширење на вирусот.
На денешната средба поканети се лидерите на СДСМ – Зоран Заев, на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, на ДУИ – Али Ахмети, на Алијанса за Албанците – Зијадин Села, на Алтернатива – Африм Гаши, на Беса – Билал Касами и претседателот на ДПА – Мендух Тачи. Покрај партиските лидери своето присуство го потврдија и претседателот на Собранието Талат Џафери и техничкиот премиер Оливер Спасовски.
На минатата средба која се одржа на 12 мај лидерите се договорија да се побара мислење од Комисијата за заразни болести за мерките и протоколите кои треба да се почитуваат при одржување на изборни процеси во време на пандемија, а Државната изборна комисија да достави мислење за временските рокови потребни за завршување на подготовките за спроведување на изборниот процес. Исто така беше договорено да се побара мислење од Канцеларијата на ОБСЕ/ОДИХР за временската рамка во која може да испратат набљудувачка мисија во земјава.
Според СДСМ, предвремените парламентарни избори кои се веќе распишани и еднаш одложени, треба да се одржат во првиот можен термин.
„Неопходни се избори во првиот можен момент, како што препорачуваат здравствените власти излегуваме од здравствената криза, изјави синоќа претседателот на СДСМ Зоран Заев во интервју за ТВ Сител, изразувајќи надеж дека заедно со опозицијата ќе постигнат договор на денешната средба.
„Не верувам дека нема. Секојпат консензуално се одлучувало за датумот за изборите. Ако опозицијата има аргументи, ги стави на маса и се издржани, ќе ги прифатиме и никако нема да стоиме на роковите од 21 или 28 јуни“, рече Заев.
Тој ги отфрли обвинувањата од ВМРО-ДПМНЕ за користење на ребалансот на Буџетот и новите мерки за поддршка на стопанството и граѓаните за предизборен поткуп.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, вели дека на лидерската средба очекува разум, трезвеност и свесност за реалната ситуација.
„Очекувам да ги слушнам одговорите на алгоритамот којшто го усвоивме во минатиот состанок, а тоа се одговорите од комисијата за заразни болести, да видиме од седиштето на ОБСЕ и ОДИХР, и што мисли ДИК и на тој начин да го утврдиме првиот можен датум кога би можеле да се случат овие избори“, потенцираше Мицкоски.
Како што изјави вчера вицепремиерот за европски прашања и функционер во Владата, Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ), неговата партија е за одржување избори што побрзо доколку со нив не се загрози здравјето на граѓаните.
„Ние сме за што побрзо организирање на изборите затоа што сметаме дека на државата и требаат институции со целосна можност за одлучување и политички капацитет. Важно е да не се загрози дополнително здравјето на граѓаните и логистичките услови да бидат исполнети“, рече Османи.
На денешната лидерска средба за датум за одржување на предвремените парламентарни избори, како што потенцираше Османи, ќе се разговаат сите аспекти и ќе се обидат да бидат најконструктивниот фактор. Тој истакна дека прететраното одложување на изборите не е во интерес никому, ниту на владејачките, ниту на опозициските партии, а најмалку е во интерес на државата.
Премиерот Оливер Спасовски вчера изјави дека нема потреба да се менува владината уредба со законска сила за роковите за одржување на изборите зашто таа се покажала исправна во правниот систем и Уставниот суд оценил дека е заснована на Уставот и на законот.
„Таа уредба ги одложи изборните дејствија, ги замрзна роковите, затоа што во вонредна состојба тие се ставаат вон сила. Тука треба да го имаме предвид уставниот рок од 60 дена за одржување на парламентарните избори од денот на распуштање на Собранието. Ако нешто друго треба да се дополни во овој период, во смисла на рокови во рамките на тие 60 дена, тоа е веќе прашање на дополнување на уредбата. Но, ние имаме уредба и таа нема потреба да биде менувана“, истакна Спасовски.
За кризата предизвикана од пандемијата, сложената состојба со техничката влада чиј мандат одамна ги надмина предвидените 100 дена, датумот за изборите, различните ставови на политичките партии и нивните интереси, одлуките на Уставниот суд, економските мерки за справување со последиците, како и протоколот кој го подготви Комисијата за заразни болести за организирање и одржување на предвремените парламентарни избори во интервју за ЦИВИЛ Медиа зборуваше и Џевдет Хајредини, експерт за финансии, аналитичар и поранешен министер за финансии.
Хајредини смета дека правната ситуација во земјата е толку сложена што моменталната состојба повеќе не е во согласност со Уставот.
„Очигледно е дека правната ситуација во Македонија е така сложена што и самата моментална состојба повеќе не е во согласност со Уставот со оглед на фактот што оваа техничка влада требаше да функционира 100 дена пред изборите. Сега таа мора да функционира сè додека изборите не се одржат. Очигледно е дека опозициските партии, ВМРО-ДПМНЕ и јавно, се обидуваат што повеќе да ги одложат изборите со разни изговори. Додека ДУИ е претпладне во коалиција со СДСМ, а попладне и тајно е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. И самите гледате колку се неодредени. Работата ја оставија да ја тера Мицкоски, а тие велат услов е да помине кризата со пандемијата и да дојдат ОБСЕ-ОДИХР да го мониторираат процесот. Што ако не успеат да дојдат, дали според ДУИ тоа значи дека ние никогаш нема да одржиме избори? Еве на кој перфиден начин ја користат оваа ситуација, правно недефинирана, за партиска пропаганда“, вели Хајредини.
„Потребите за да се помогне се акутни, и тоа временски се совпаѓа со изборите. И да не сакаме тоа ќе биде искористено. Наредните месеци треба ќе бидат многу тешки за голем дел од населението и бизнисите. Капацитетот и ресурсите на Македонија во никој случај не се доволни за подолготрајна криза. Но, најавени се и реални се странските фондови од Европската Унија и Америка. Е како потоа да се одвојат тие работи? Нормално е дека сето ова кај народот ќе има влијание“, смета тој околу прашањето за просторот и можноста економските мерки да бидат злоупотребени за манипулација со гласачите, но и за изборен поткуп.
За датумот на изборите Хајредини е дециден дека никој не сака да преземе одговорност за својата одлука.
„Комисијата за здравство, иако од неа се бара да оцени дали се создаваат услови за избори од аспект на состојбата со корона вирусот, одбегна да одговори на ова прашање. Наредната средба на лидерите се очекува Комисијата да каже дали ситуацијата со пандемијата ќе дозволи да се одржат изборите. Тие одбегнаа тоа да го кажат, туку само изработија протокол за тоа како ќе тече изборната постапка. Тоа значи дека никој не сака да преземе ризик, а и објективно, никој не знае што ќе се случува со болеста. Не знае ни Америка, ни Русија, а не ние да знаеме. Се може да се случи. Може и да се смири, а може и да ескалира. Никој не сака да ја преземе одговорноста, затоа што подоцна тешко е да се оправда одлуката“, вели Хајредини.
Лидерската средба е закажана точно на пладе во резиденцијата на претседателот Пендаровски. Дали ќе падне одлука и датум за избори останува да видиме по нејзиното одржување.
М. Ивановска