Кога ќе се насмее Мицко, птиците паѓаат од телефонските кабли, кога ќе каже нешто Гога, ве заболува простатата и ве запечува мокрачата, кога ќе се јави Никола, хемороидите панично ви испаѓаат од дебелото црево зашто не можат да ве поднесат како антена на глупоста. А кога сето тоа ќе потрае повеќе од десет минути, луѓето се пакуваат и заминуваат за Нов Зеланд. Или во Папуа и Нова Гвинеја. На кое било место кај што никој нема да ги ангажира да го штитат ветерот и маглата на таканаречените национални интереси, 24/7/52. Наоѓаат дека им е попаметно да шишаат овци во Австралија отколку да ја бранат Македонија така што ќе прифатат да бидат будали. Опљачкани, сјебани, насамарени, идиоти.
Не ја штедам другата страна, обратно, мислам дека одговорноста на сдсм е голема и влече корени уште од времето на Глигоров, вклучувајќи ги тука многу сериозните одговорности на првиот претседател на независна Македонија, но нивниот придонес во исчезнувањето на Македонија е последица на некои политики што ги воделе и на некои што упорно одбивале да ги водат, а не на природата на идејата и цел на политиката, како кај вмро-дпмне. Освен тоа гледаме какви епски напори, во крајно неповолни внатрешни околности, прави екипата на Заев за да се спаси тоа што може да се спаси, наспроти пучистичките, односно, терористички, односно, огнени, односно апсолутно разорувачки страсти на чипираните идиоти на институционализираното Зло.
Ова е многу важна дефиниција: Институционализирано Зло.
Зло што е внатре, во системот, тоа што не го напаѓа системот од надвор, туку системот го користи за да ја нападне и разори Македонија.
Да ја обесмисли.
Тоа е алгоритам на испарувањето на меката и неотпорна материја на македонизмот и на Македонија.
Јас мислам дека нема да влеземе во Европската унија со повеќе од милион души.
Ако воопшто некогаш влеземе!
Едно сериозно истражување покажува дека во наредните седум години Хрватска ќе го загуби целиот потенцијал на луѓе кои можат да се иселат и тогаш иселувањето ќе престане!
Тоа се вика тежок цинизам, не на истражувачите, туку на стварноста: иселувањето ќе престане тогаш кога ќе се иселат сите.
Може ли Македонија да биде подобра?
И колку време ќе и треба!?
Јас наоѓам многу сличности во мотивите што ги тераат младите луѓе да заминуваат. Мислам на младите во Хрватска и во Македонија.
Затоа ми се чини дека е добро да ги пренесам тука основните сознанија до кои дојдоа сериозните истражувачи на хрватскиот емиграциски егзодус.
Прва категорија е слабоста на институциите и неморалот на политичките елити.
Ова ви е познато, не!?
Луѓето сметаат дека не се институционализирани вредностите на работната етика и воопшто на чесноста и дека општеството е морално скршено.
Македонијо, мајко мила, дали гледаш каква, всушност, си била!?
Морално скршено општество!
Луѓето се иселуваат поради неправдата, а не поради сиромаштвото, поради корумпираното општество кое не го наградува исправното однесување и не го казнува неисправното.
Голем проблем е правосудството како и медиумите кои заедно со политичките елити испраќаат порака дека во државата ништо вредно нема останато и дека секој треба да се спасува како знае и умее.
И во Хрватска и во Македонија се случува да се враќаат некои луѓе што заминале од земјата, но тоа се мали контингенти во кои се претежно стари иселеници кои се врќаат да ги проживеат последните години во родниот крај и да бидат закопани на локалните гробишта кај што кога биле деца мочале и береле дудинки.
Психичката еволуција, што би рекол Гомбрович, тука отиде во правецот на работниците и чиновниците кои се стремат кон задоволување на елементарните потреби. Формирано е сиво поколение. Дрекселмаер. Администрација. Работни места. Сивило кое го придави целиот сјај на егзистенцијата. Оние, пак, што успеаја да се искубат од тоа сивило, се најтемната нијанса на Македонија: тоа се луѓе кои целата своја егзистенција и реализација ја врзуваат за партиите, тука дипломираат, докторираат, добиваат плати, бонуси и кредити, куќи, вили и автомобили, фирми, ордени и медали и потврди за неказнивост. Се што е надвор од ова шема или е аутсорсинг на шемата или е во сивата зона што ја споменавме, или е на аеродромот Скопје, кај што се чекира за Австралија и Канада. Темелно е уништен принципот на трудот и кариерата во смисла на стручната и професионална компетитивност.
Целиот јавен дискурс што го формираат медиумите и политичките елити е кобалт бомба која зрачи и формира неиздржлива атмосфера во која луѓето немаат голем избор: или ќе полудат, гледајќи разноразни топ-теми, вистини и други срања или ќе се иселат.
Никакви инвестиции и нови работни места, никакви скокови на џидипито, не можат да го сопрат овој процес. Без враќање на културниот модел во нормала.
И без морална обнова. Без неприкосновеноста на правото и правдата како конститутивни елементи. Не случајно и САД и Европската унија и домашните добронамерности, инсистираат на СЈО и неприкосновеноста на неговиот статус. Поразот на темата за СЈО, тоа е многу добро оценето од страна на сите инстанции, ќе биде не само пораз на една важна институција, туку пораз на целото општество и на целата држава. До нивото кое може да се третира како знак дека не се можни ниту општеството ниту државата. Проблемот е во тоа што и светот и власта одбиваат да разберат дека со тие предупредувања не ќе го премислат вмро-дпмне затоа што тој крах за нив би бил остварување на нивната мисија, а не национална трагедија.
Јавниот дискурс мора да се смени, а за тоа се потребни реформи во партиите, вклучително и некои забрани, во образованието и, не реформи, туку темелна трансформација на медиумите од центри за профилирање на луѓето во затупавена маса, во центри за комуникација на значењата. И така натаму.
Проблемот е во тоа што не сме сигурни што ова општество сака. Еве, земете ја најновата ситуација, таа е како важна, можеби, најважна партија карлинг во која главниот играч, Заев, го насочи и го пушти гранитниот камен на перспективите, но не гледам многу чистачи кои со четки ќе го стругаат мразот, ќе го загреваат или ладат за да го забрзаат или забават и насочат каменот до целта.
Претседателските избори се многу важна етапа и за темата околу иселувањето и за вкупната консолидација на Северна Македонија. Победата на Пендаровски нема да има само политички последици, туку ќе претставува дефинитивен знак дека излегуваме од ерата на примитивизмот, вулгаризмот и митот како политички концепт и влегуваме во времето во кое од политичките концепти ќе правиме митови. Тоа се времињата на просперитетот втемелени во разумот и моралот. Срамно е што сме во ситуација да се објаснуваме зошто е Стево подобар од Гога и Заев од Мицко. Навистина е срамота. Тоа е како да ги имате на линија Моника Белучи и Биљана Ванковска и да се мислите до последен момент со која ќе отидете в кревет. И после луѓето се иселувале. Па, нормално, додека не се исели Ванковска, ќе се иселуваат младите, убавите, нормалните…
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.