Наша задача е да ги трансформираме институциите во рамките на Европската унија, но и на патот кон неа, рече денеска вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Нашиот стремеж во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ.
Како што пренесува МИА, според него, ЕУ е синоним и симбол за средена држава, подобри патишта, подобро образование, повеќе можности за вработување и дома и во останатите земји-членки, повеќе можности за развивање бизниси, заеднички пазар, закони кои важат за сите, подобро судство и општо, подобри услови и повеќе можности за граѓаните.
-Европската унија претставува повеќе можности, повеќе фондови и посредена држава. Затоа се бориме да влеземе во ЕУ. Европската Унија не е цел сама по себе, туку начин да им помогнеме на граѓаните да имаат повеќе можности да се развиваат и да имаат подобар живтен стандард, истакна Маричиќ во „Здраво Македонијо“ на Канал 5.
Нашите граѓани, како што рече Маричиќ, патуваат во Грција, Бугарија, Хрватска, Словенија и ја гледаат разликата како живеат тие луѓе денес и како живееле пред влезот во ЕУ.
-На сите кои биле во овие држави им е јасно што значи ЕУ, подвлече Маричиќ.
Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ е дециден дека интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но главен стремеж на земјава, нагласува, се и преговорите со ЕУ.
Во утринското гостување на Канал 5, Маричиќ се осврна и на Договорот од Преспа чии придобивки, како што оцени, се гледаат на дело, а Грција стана наш поддржувач во ЕУ.
-Интересот на Северна Македонија во разговорите со Бугарија е да се заштити македонскиот јазик и македонскиот идентитет, но интерес ни е и да ги почнеме преговорите со ЕУ. Сметам дека низ дијалог можеме и двата интереса да ги исполниме, рече вицепремиерот.
Тој додаде дека двајцата нови премири во Северна Македонија и Бугарија покажуваат желба со нова енергија и врз основа на научените лекции од изминатите години да се најде решение за сите отворени прашања.
-Ние јасно и јавно сме ги кажале нашите позиции. Собранието утврди Декларација поддржана од сите партии, кажуваме дека македонскиот јазик и идентитет не се предмет на преговори. За останатите прашања, кои се од грижа на Бугарија ние сме подготвени да разговараме, нагласи Маричиќ.
Според него, целта е да се има позитивна комуникација и затоа се формирани работните групи кои отвораат можности и проекти за соработка и зближување во повеќе области.
Во однос на Грција, Маричиќ потенцира дека веќе бележиме зголемена трговија, повеќе патувања и поголема соработка.
-На дело се гледа придобивката од Договорот од Преспа. Грција од 2019 лобира за нас. Ако ги следиме дискусиите во Брисел, тие посојано ја промовираат нашата евроинтеграција и притискаат да почнеме преговори. Токму и тоа е суштината на Договорот. Очекувам истото да го прави и Бугарија откако ќе ги затвориме отворените прашања и ќе продолжиме како пријатели. Мислам дека е најдобро преку конкретни чекори да согледаме која е придобивката од затворањето на отворените прашања со соседите. Сите останати алтернативи, освен ЕУ, се полоши за државата и дека евроинтеграциите се стратешка цел на земјата уште од нејзиното формирање, смета вицепремиерот.