Како поднесувам и како се чувствувам со толкава количина на омраза, закани и навреди? Што ми треба тоа – прашање што ми го поставуваат многумина, дури и оние кои се согласуваат со мене? Зошто и понатаму пишувам како што пишувам наместо едноставно да престанам и да уживам во сè што сум створил?
Се чувствувам како личност која сака да танцува во друштво на Талибанци кои забрануваат танцување. Како личност која не верува во Алах во Иран. Како белец на кому му е важно за црнците во апартхејдот. Како партизан во НДХ, како либерал под Сталин, како Вице Вуков под Тито, како Мира Фурлан под Туџман. Исправено и гордо.
Човек не смее да дозволи неквалитетна и примитивна средина, мали луѓе со испрани мозоци да му го затрујат здравиот разум, ниту да се плаши од заканите или да се воздржува да ја каже вистинската работа во секој можен момент. Само така можеш да се чувствуваш како човек. Човек кој многумина го мразат, но сепак човек.
Ништо на светот не е полесно отколку да направите глупава толпа на луѓе да ве сака. Дајте ја лопата на знамињата, вметнете вера и молитва, навивајте за нашите, вжештете ги митовите, внесете омраза кон другите народи, плукајте по бегалците, исмејувајте жени, давајте некои теории на заговор за злобниот свет фокусиран на мал, но искрен Хрват, кој на сите им пречи- и малиот човек е на твоја страна. Полесно е да усреќите мал човек отколку свиња, верата и нацијата се поевтини од товењето. Но како тогаш да се погледнеш во огледало?
Јас имам 42 години. Толку многу сум поминал, толку многу книги сум прочитал, за толку многу работи сум размислувал, да ми се многу работи во животов и светов прилично јасни. Не е важно што мисли толпата туку важно е мислењето на оние кои вредат.
Додека ми стигнуваат меилови за поддршка од Виктор Иванчиќ, додека Вук Вуковиќ ми ги споделува статусите, додека ме мрази Марија од градската власт, а закани ми праќа Јозо, навивач од Посушје, знам дека сум станал точно таков човек каков што отсекогаш сакав. Да беше обратно, тоа ќе значеше дека некаде во животот страшно сум згрешил.
Матија Бабиќ е основач на еден од најчитаните хрватски интернет медиуми, Индекс.хр. Ова негово обраќање е преземено од негова ФБ објава.