Во организација на Здружението на новинарите на Македонија денеска во Скопје ќе биде одбележан Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите.
На настанот по тој повод е најавено обраќање на претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Младен Чадиковски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, амбасадорот на Кралството Холандија, Дирк Јан Коп, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џефри Голдстајн, и на новинарот и претставник на Репортери без граници од Париз, Ерол Ондероглу.
По обраќањата е предвидена и презентација на Нацрт-протоколот за односи меѓу полициските службеници и медиумските работници за подобрување на безбедноста на новинарите и снимателите од проф. д-р Никола Дујовски.
„Само минатата година убиени се најмалку 88 новинари и медиумски работници. Уште илјадници други колеги биле нападнати, малтретирани, приведени или затворени со лажни обвиненија, без соодветна постапка. Тоа е недозволиво и не смее да прерасне во пракса бидејќи кога се нападнати новинарите, тогаш општествата како целина плаќаат цена.
Целта на настанот е да се испрати порака до јавноста дека нападите врз новинарите нема да се толерираат и жестоко ќе бидат осудени. Од друга страна, ќе биде испратена порака и до институциите да дејствуваат одговорно и да ги расчистуваат нападите врз новинарите во најбрз можен рок.
Преку овој важен ден за новинарската професија да покажеме дека сакаме да ставиме крај на неказнивоста и дека имаме нула толерантност за напади врз новинарите и медиумските работници“, велат од ЗНМ.
Д.М.