Српските избори се одржаа под „неправедни услови“, велат меѓународните набљудувачи. Ден откако популистичката владејачка партија на Александар Вучиќ прогласи победа, се зголеми загриженоста за купување гласови и полнење на гласачки кутии.
Како што пренесува Гардијан, меѓународните набљудувачи изјавија во понеделникот, еден ден откако популистичката владејачка партија на Александар Вучиќ прогласи победа, дека изборите во Србија се одржаа под „неправедни услови“,
Во соопштението, меѓународната набљудувачка мисија изјави дека „предвремените парламентарни избори, иако технички добро спроведени и на гласачите им понудија избор на политички алтернативи, беа доминирани од решителната вклученост на претседателот, што заедно со системските предности на владејачката партија создаде нефер услови “.
Мисијата, која вклучува претставници од Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права, Европскиот парламент и парламентарното собрание на Советот на Европа, исто така заклучи дека „фундаменталните слободи генерално беа почитувани во кампањата, но таа беше нарушена со остра реторика , пристрасност во медиумите, притисок врз вработените во јавниот сектор и злоупотреба на јавните ресурси“.
Загриженоста беше изразена и за избирачките места:
Забележани се случаи на сериозни неправилности, вклучително и купување гласови и полнење на гласачки кутии. Мерките за обезбедување тајност на гласот беа недоволни, се вели во соопштението.
Предходно денеска, како што јави дописникот на МИА од Белград, портпаролката на Европската комисија, Ана Писонеро, изјави дека ЕУ нема да се изјасни за изборите во Србија се додека мисијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и Канцеларијата за човекови права и демократски институции (ОБСЕ/ОДИХР) не ги презентираат прелиминарни резултати, додека претставникот на Руската Федерација и шеф на набљудувачката мисија на Интерпарламентарното собрание на Заедницата на независни држави, Дмитри Василенко, синоќа изјави дека мисијата не забележала сериозни нерегуларности за време на парламентарните и локалните избори во Србија и оти тие се одвиваат во фер и коректна атмосфера.
Вчера вечер меѓу првите, уште за време на пресот при прогласувањето на победата, на Вучиќ на лице место му честиташе претседателот на Република Српска, Милорад Додик. Од лидерите на земјите членки на ЕУ, единствено унгарскиот премиер Виктор Орбан синоќа во објава на социјалните мрежи му честиташе на Александар Вучиќ за, како што кажа, убедливата победа на изборите.
Во Белград вечерва се одржува протест на проевропската опозициска коалиција „Србија против насилство“, која бара поништување на локалните и парламентарните избори поради изборна кражба. Носителите на оваа листа на републичките избори Мариника Тепиќ и Мирослав Алексиќ вечерва започнаа штрајк со глад до исполнување на нивните барања. Илјадници граѓани дојдоа пред седиштето на Републичката изборна комисија, а дел од граѓаните фрлаа со јајца кон зградата.
Драган Мишев