ДЕХРАН МУРАТОВ
Hi, bye avela nilaj, kertuke shema vazde to vas em vikin so shaj… (Здраво и чао, доаѓа лето, направи си шема крени ја раката и викни колку што можеш… декември 2021), ова се стиховите од амaтерското рапување на 19-годишниот Мемет Камбер, кој почина пред десетина дена во болница, без никакви лични документи, буквално како да не постоел. За жал неговото тело сѐ уште е во капелата во Бутел.
Avela nilaj em vikin so shaj, (доаѓа лето и викни колку што можеш), гласеше пораката на Мемет, летото тивко доаѓа, а ушто погласен е молкот на институциите и системот.
Да се вратиме на Мемет и „невидливите“ за системот како него. Мемет нема веќе можност да сонува дека некогаш ќе биде познат рапер, (преку рапување да ја презентира вистината, своето животно патешествие, инспириран од неисцрпните патеки на животот), но неговиот сон да ги смени работите на подобро, не смее и не може да заврши. И нема да заврши, бидејќи #СитеСмеМемет!
Во 2019 година беше донесен Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени, со што на околу 700 лица требаше да им се даде правото на образование, на вработување, на социјална и на здравствена заштита. Новиот закон беше во согласност со препораките на Европската комисија за решавање на овој проблем и Поглавјето 23 во делот на фундаменталните права.
Народниот правобранител, Насер Зибери, пред една година алармираше дека лицата и по добиениот евиденционен број кој треба да го замени единствениот матичен број, до упис на овие лица во редовната матична книга на родените, не можат да ги остваруваат правата кои се утврдени во член 2 од Законот за неевидентирани лица (право на образование, здравствена заштита, социјална заштита, вработување со задолжително социјално осигурување). Односно, лицата имаа(т) извод и исправа, но не можат да остварат ниту едно од споменатите права.
Не знам дали воопшто требаше да го споменам „неславениот“ Закон за неевидентирани лица, но ете нека биде забелешано дека освен желбата, ништо друго не е постигнато (барем нема видливи ефекти) во реалноста и секојдневниот живот. Овие лица се уште живеат како фантоми и умираат како улични кучиња. Иако за умрените улични животни се води поголема грижа и имаат нормален погреб!
Оние „гласните“ НЏО фолиранти кои „работат“ со лицата без лична идентификација (фантоми) не се ни за коментирање, нека уживаат во семинарите и тим-билдинзите што ги прават некаде во Охрид-Струга или надвор од државата. Кога ќе завршат со макотрпната работа, можеби ќе пишат и некое сопштение. Или вечно ќе тагуваат со молк.
Системот, институциите, невладините, родителите… и веќе е сеедно кој е крив за смртта на Мемет, кога нема да има одговорност. Неговата смрт не смее да се заборави за три дена. Односно, смртта на Мемет мора да го воскресне системот и да ги ажирира сите аномалии што ги има. А Мемет час поскоро да има достоинсвен погреб за да почива во мир, и можеби заедно со 2Pac од небото ќе ја одрапуваат – Changes (промени).












