Германскиот канцелар Фридрих Мерц изрази загриженост дека Европа не ја игра улогата на светската сцена што ја сака и треба да ја преземе за правилно да ги заштити своите интереси.
„Она што ме загрижува, и морам да признаам дека ме оптоварува, е тоа што ние Европејците во моментов не ја преземаме улогата во светот што ја сакаме, a треба да ја играме за правилно да ги заштитиме нашите интереси“, рече Мерц според интервјуто за CDU.TV, официјалниот медиумски канал на неговата партија Христијанско-демократска унија (CDU), кое ќе се емитува во петок наутро, пишува Германската новинаска агенција (ДПА).
Мерц ја наведе војната во Украина како пример. „Моментално не сме во можност да извршиме доволен притисок врз Путин за да ја заврши оваа војна“, рече тој. „Зависни сме од американска помош“.
Во исто време, истакна тој, земји како Кина, Индија и Бразил создаваат нови партнерства со Русија.
И покрај неговите загрижености, Мерц ги поздрави знаците за обновено европско единство. „Ова во голема мера зависи од посветеноста на германската влада, а во овој случај, многу од посветеноста на германскиот канцелар“, рече тој.
Мерц рече дека Германија се стреми да ги исполни одговорностите што се очекуваат од неа на глобалната сцена, истакнувајќи дека тоа им служи и на сопствените интереси на земјата, пишува ДПА.