Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денеска на прес конференција по новинарско прашање посочи дека лидерот на ДУИ, Али Ахмети го информирал дека ќе започне преговори со СДСМ затоа што таа партија победила во македонскиот блок.
„Со господинот Али Ахмети имавме отприлика едночасовна средба, минатата недела во Собранието, на која ме информираше дека ќе отпочне преговори со СДСМ со изговор дека тоа е партијата којашто победила во македонскиот блок, иако јас му реков дека не се согласувам, бидејќи партијата која убедливо победи во македонскиот блок е ВМРО-ДПМНЕ, но во ред, тоа е негово мислење, тоа е човек кој има соодветно искуство на политичката сцена и јас му посакав среќа“, истакна Мицкоски.
Прашан во однос на пресметката со бројот на пратеници и зошто смета дека неговата партија е победник на изборите, Мицкоски рече дека тоа е затоа што, според него, „ВМРО-ДПМНЕ има 40 пратеници, а СДСМ има 32“.
„Партијата која е легитимна и кредибилен претставник на македонскиот народ, на Македонците во рамки на Собранието е ВМРО-ДПМНЕ со најголем број пратеници и тоа се 40“, истакна тој.
Во однос на можноста за нови парламентарни избори наесен, тој рече дека сè уште постојат можности за формирање Влада, но доколку тие се исцрпат тогаш, како што вели, може да се разговара за нови избори.












