Централниот одбор на СДСМ вечерва ја одржа 16тата седница, на која се донесоа важни одлуки за идното функционирање на партијата, но и за прашања поврзани со составот на новата влада предводена од СДСМ.
„Членовите на Централниот одбор донесоа одлука за усвојување на договор за коалицирање со политичката партија ДУИ. Со овој договор за коалицирање обезбедено е парламентарно мнозинство и нова влада која во полн 4 годишен мандат ќе ги реализира програмските определби и принципи за кои сме обединети. Јас ќе бидам премиер во полн 4 годишен мандат. Имавме доволно големина и јас и Ахмети и СДСМ и ДУИ, да се согласиме јас да ја водам Владата 4 години, а од друга страна во последните 100 дена премиер да дојде на предлог на ДУИ, со заедничка согласност“, изјави Заев.
Заев истакна дека главениот фокус ќе биде ставен на јакнење на економскиот стандард, зголемување на платите и пензиите, отворање на нови работни места и привлекување на нови странските инвестиции и директна поддршка на домашната економија.
Заев додаде дека следува и прочистување на судството и проверка на имотот и парите на функционерите. Владата ќе има 19 министри и премиер, наместо 26 министри. Бројот на ресорите е намален за 7 министри.
„На вечерашната седница, Централниот одбор ги прифати и предложените кандидати за министри за нова влада и ме овласти мене да ги предложам и замениците министри до републичкото собрание . СДСМ од своите редови номинира потпретседател на Влада за борба против корупција и криминалот и одржлив развој и човечки ресурси – Љупчо Николовски, потпретседател на Влада за европски политики – Никола Димитров, економски политики – Фатмир Бетиќи, МВР- Оливер Спасовски, одбрана – Радмила Шекеринска, здравство – Венко Филипче, образование – Мила Царовска, транспорт и врски – Благој Бочварски, култура – Ирена Стефоска, правда – Бојан Маричиќ, труд и социјална политика – Јагода Шахпаска“, истакна Заев.
Во новата влада од 19 министри, СДСМ на свој предлог има 11 министри, од кои што 8 се министри со ресор, од кои 4 се жени и 4 мажи.
„Остануваме доследни и во комплекни ситуации, сепак да испраќаме порака на еднаквост на мажите и жените во нашата земја“, изјави Заев.
A. П.