Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се произнесе во врска со објавите на медиумите во однос на Заедничката изјава во Советот за човекови права на Обединетите нации, иницирана од Литванија, со која се повикува Грузија да го укине законот за транспарентност на странско влијание.
„Министерството за надворешни работи и надворешна трговија уште еднаш ја повторува позицијата која и во текот на вчерашниот ден беше доставена како одговор на новинарско прашање, дека Северна Македонија ја дели загриженоста на ЕУ којa се однесува на споменатиот закон, што е впрочем наша принципиелна позиција и за слични закони во други држави“, се вели во соопштението на МНР.
„Соодветно, ја поддржуваме и заедничката изјава на Литванија дадена во име на група земји, на која се придруживме и која e објавена на официјалната страница на Советот за човекови права, што е вообичаена пракса, додадоа од МНР.
Одговорот од МНР доаѓа откако на социјалните мрежи се појавија тврдења дека Северна Македонија не ја поддржала Заедничката изјава иницирана од Литванија.