Повеќе од 60 милиони Американци ја искористија можноста да гласаат предвреме и да го дадат својот глас на претседателските избори во САД на 5 ноември.
Според Лабораторијата за гласачки права на Универзитетот во Флорида, пет дена пред изборите, гласале 60,9 милиони гласачи.
Од тој број, нешто повеќе од 32 милиони гласале лично на избирачкото место, а околу 28 милиони гласале по пошта, пишува Гардијан.
Освен за претседателските избори, граѓаните на САД гласаат и за Конгресот, а ќе избираат и третина од претставниците во Сенатот, пренесе МИА.
Тракерот покажува и дека 38,4% од гласачите се регистрирани демократи, а 36,2% се регистрирани републиканци.
Овие бројки се однесуваат само на 26 држави со информации за јавна регистрација на партиите, што опфаќа нешто помалку од половина од вкупниот број предвремени гласања.
Податоците за регистрација на партијата не го предвидуваат прецизно изборот на гласачот. Додека повеќето американски држави дозволуваат предвремено гласање, важно е да се забележи дека на службените лица не им е дозволено да почнат со броење на гласачките ливчиња до денот на изборите на 5 ноември, соопшти Би-би-си.