Од 1 јануари 2007 година до 17 јуни 2025 година, на вкупно
216.594 лица со државјанство на Македонија им е издаден бугарски пасош, изјави вчера министерот за внатрешни работи на Бугарија, Даниел Митов, пренесоа
бугарските медиуми.
„Во наведениот период се издадени 216.594 пасоши на бугарски државјани за кои постои информација дека имаат и државјанство на Македонија“, изјавил Митов.
Добивањето бугарски пасош е основно право на секој бугарски државјанин, загарантирано со закон, и тоа може да биде ограничено само во случаи предвидени со законот, пишува БГНЕС.
Правната рамка која го регулира издавањето пасоши на бугарски државјани е содржана во неколку членови од Законот за бугарски лични документи (ЗБЛД), конкретно: точка 4, став 1; член 13, став 1, точка 2; член 33, став 1 и член 35, став 1.
ЦИВИЛ Медиа испрати прашања до Владата на РСМ и Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, дали можат да ја потврди оваа бројка и дали водат статистика колку наши граѓани имаат двојно државјанство и колку од нив се со бугарско државјанство? Очекуваме одговор од институциите.
Со последниот попис во 2021 година, Државниот завод за статистика објави дека околу три проценти од резидентното население во земјава има двојно државјанство, а најголемиот дел од нив имаат покрај македонско и бугарско државјанство, покажаа тогашните податоци од Државниот завод за статистика добиени од Пописот 2021.Бројките, пред 4 години, според ДЗС, покажуваа дека 19.761 лица од резидентното население во земјава имале бугарско државјанство. Притоа, 19.645 лица имале двојно, македонско и бугарско државјанство, додека 116 лица кои живеат во земјава имале само бугарско државјанство. Во тој период, тогашниот бугарски претседател Румен Радев во неколку наврати изјави дека повеќе од 120.000 македонски граѓани имаат и бугарско државјанство.
Б. Ј.