Кандидатите за претседател на државата ја започна изборната кампања во текот на која пред гласачите треба да ја претстават својата изборна програма. Како можни идни врховни команданти на вооружените сили во програмите сигурно имаат дел во кој предвидуваат како ќе ја практикуваат функцијата.
Актуелниот претседател ја злоупотреби таа функција и со своите одлуки нанесе штета која долго време ќе се чувствува во редовите на Армијата. Многу негови укази за поставување и унапредување на генерали и поставување и отповикување на воени претставници на Републиката во странство не беа во согласност со законот за одбрана.
Со поставувањето генерали тој успеа да патентира единствен изум, преку кој успеа на должност да постави нови генерали како претпоставени на генералите на кои тие претходно биле потчинети. Генерал кој стоел мирно, го поздравувал другиот генерал и добивал задачи од него, по добивањето на указот, сега ја менува улогата и тој нему му издава задачи. Постапка која верувам дека не постои во ниту една друга армија во светот.
Актуелниот врховен командант успеа да ја фалсификува и историјата на Армијата. Имено, тој со своја одлука го одредува 2 април за ден на Првата механизирана пешадиска бригада, со традиција кога 1. пешадиска бригада е трансформирана во 1. механизирана пешадиска бригада, 2 април 2012 година. Овој податок е објавен на сајтот на Министерството за одбрана.
Денес кога високите гости ќе им го честитаат денот на припадниците на најголемата борбена единица во Армијата во стројот ќе стојат војници и старешини кои добро знаат дека тоа не е точно. Особено тие од трансформираната прва пешадиска бригада, добро знаат дека бригадата се трансформира во прва механизирани пешадиска бригада неколку години порано и не на 2 април туку на 19 декември. Говорниците кои го знаат овој фалсификат мудро ќе користат други зборови во стилот 2 април 2012 година како ден кога започна трансформацијата на единиците на Армијата по новата формација со цел да го прикријат срамот што им го нанесе Врховниот командант.
Идниот Врховен командант кога ќе влезе во вилата на Водно наместо програми и идеи ќе наследи многу проблеми. Затоа многу време и мудрост треба да потроши за да ги постави работите како што треба, а можеби и актуелниот ќе собере храброст и до крајот на мандатот за ден на бригадата ќе одреди посоодветен датум.
Дотогаш почитувани припадници на бригадата нека ви е честит денот на единицата, со желби што поскоро да се исправи неправдата пред се кон вас и историјата на Армијата.
Авторот е полковник во пензија и експерт за национална безбедносна стратегија.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.