Со измени на Законот за одбрана, отсега Владата сама ќе одлучува за испраќање војници во операции на НАТО, а на нејзино барање, Собранието ќе носи одлука да се побара воена помош од Алијансата. Измените се носат за да се олесни примената на членот 5 од Вашингтонскиот договор, со кој е основана Северноатлантската алијанса, а кој го пропишува начелото на колективна одбрана, односно дека напад врз една, значи напад врз сите членки на НАТО.
„Истиот принцип го вградуваме и во нашиот Закон за одбрана и предвидуваме многу јасна процедура на каков начин може нашата држава да побара помош од НАТО, барање за реакција на НАТО, а и на каков начин ние ќе ги носиме одлуките за учество во одредени НАТО операции”, рече министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
Одлуките за учество во воени операции со сите други организации, како ОН, на пример, ќе се носат по досегашната процедура. Владата ќе предлага учество, а Собранието ќе го гласа.
И. К. Илиевски