Јас сум Mелиса Кариман, имам 19 години и горда сум што сум Ромка. За себе можам да кажам дека сум комуникативна, обожавам музика, книги, филм… Сакам да спортувам, па макар и сама. Секогаш сум оптимистички настроена и верувам во себе и во своите можности, бидејќи кој не се обидел – не успеал.
Во текот на моето основно и средно образование сум доживеала многу успеси и исто толку падови, сум доживеала навреди и пофалби, достоинствено и гордо сум знаела да се сносам со целиот свој товар! Не сум сакала да ја играм улогата на жртва, иако некогаш сум била и најголемата жртва на предрасуди, понижувања, омаловажувања и дискриминација поради мојата националност.
Јас уште од тинејџерските години одлучив да бидам борец, бидејќи знам дека само на тој начин ќе успеам да го постигнам тоа што го сакам! Јас одамна расчистив сама со себе и јасно ја поставив својата цел, затоа што одлично си ја знам својата мисија во овој свет полн со предрасуди, свет каде што само храбрите и вистинските борци успеваат.
Отсекогаш најмногу ме мотивирале зборовите „не можеш“, „не се обидувај“, „нема да успееш“, „циганко“… ама, некогаш благодарение на тие зборови се раѓаат најголемите победници. Или пак, оние кој „ме враќале“ во реалноста дека „тоа никој не го направил“ и да не се обидувам. За дел од нив, она што е фантазија или сон, за мене лесно може да се претвори во реалност! За мене не постои ограничување. И нема никогаш да постои.
Стравот? Неуспехот? Неодлученоста? Што знам, мене секогаш повеќе ме потикнувале и мотивирале. Во животот никој не се раѓа како победник, затоа мора да научиме да победуваме, во спротивно автоматски се претвораме во губитници. За да бидете вистински победници не треба да се срамите од својата националност, бидејќи за да се биде жив, значи да бидеш она што си!
Можеме да се запрашаме – Зарем јас не сум јас? Тогаш, кој сум ако не сум јас? Меѓутоа, има многу личности кои не се тoa што сè, а тие се само марионети. Јас верувам и знам дека сите ние не сме дел од нив.
Ние Ромите како заедница сме најзагрозените луѓе во нашата држава и тоа на сите им е познато. Кога се работи за Ромите, во овие неколку години, има многу организации и проекти кои работат на интеграција на Ромите. Јас како и многу други млади Роми сме учесници во тие активности и благодарение на такви проекти имаме помош во продолжување на нашето образование.
Познавам многу млади Роми кои завршиле високо образование и сега работат во невладини организации или во некои институции. Тоа треба да биде пример за сите нас, помладата генерација.
Сепак интеграцијата на Ромите не значи дека треба да се губи нашата традиција и јазик. Треба да го зборуваме и нашиот мајчин јазик, затоа што така ќе бидеме и ние силни како другите заедници.
Повеќето од јазиците што се зборуваат во нашата држава ги говорам уште како дете. Пораснав во Тетово во мyлтиетничка средина и моите пријатели се од сите можни етнички заедници: Турци, Македонци, Албанци, Роми, Бошњаци… Јас сите ги почитувам и ценам подеднакво. Иако некој од нив биле дрски и себични кон мене, јас не им возвраќав со иста мера.
Познавам многу Роми кои се бореле и се борат за правата на Ромите и не дозволуваа(т) да ги газат поради нивната етничката припадност. Секогаш се бунтував затоа што несакав да ме газат, и да, ако сакаат нека ме викаат бунтовничка, ама по ѓаволите да одам ако си ја продадам душата! И покрај сè што сум доживеала, што сум се изборила и успеала, некои сè уште ме заобиколуваат и ќе ме заобиколуваат, но, јас ќе се однесувам со предизвик кон оние што се обидуваат животот да ми го направат помалку вреден.
И едно знај – верувај во себе и ќе бидеш непобедлив. Таму каде што нема луѓе, ти биди човек! Горда сум што сум Ромка и не се срамам од себе. Верував во себе и се борев да бидам одлична ученичка и успешна и го постигнав тоа и покрај сите падови што ги доживував во моето досегашно школување.
Сè што можете да сторите за да се здобиете со успех е кога ќе станете свесни за своите должности, за врзаноста, за опсесијата, па и за предрасудите, и кога ќе успеете од сето тоа да се ослободите, тогаш ќе се појави патот кон успехот. Ние Ромите веќе почнавме да ги остваруваме нашите соништа и да ги постигнуваме нашите цели, иако тоа оди тешко. Тоа го постигнавме затоа што си помога(в)ме меѓусебно. Мора да се држиме заедно, бидејќи не секој нè сака и почитува нас Ромите. Не секој се грижи за нас, не секој ни помага. Иако сите сме луѓе и како такви треба да делиме исти вредности, без разлика на нашата националност и вера, бидејќи ние Ромите сакаме соживот, братство и љубов.
Пријателството не познава нација, вера и етничка припадност, и не треба да има поделби бидејќи воздухот е ист за сите. Како што небото не нè дели на ваши и наши, да бидеме браќа и сестри и да бидеме сплотени во љубовта! Делете пријателство, љубов и ширете позитивна енергија!
Да се обединиме сите заедно во поголем број, да продолжиме да се држиме за рака како и до сега, затоа што само така нашиот успех ќе биде поголем а нашите чекори посигурни, ќе бидеме многу похрабри и поцврсти, посилни за да докажеме дека и ние можеме. Знам дека можеме. Вечен 8-ми aприл.