Над 40.000 вработени во администрацијата, наместо да го одработат неработниот 2 јануари од годинава, ќе се приклучат на акцијата „Не биди ѓубре“ за чистење на главниот град во сабота во 12 часот.
Ќе се чисти на 20 локации во Скопје, меѓу кои кај езерото Треска, во околината на Аквадуктот, Калето, Железничката станица, Собранието и целиот кеј на Вардар. За подалечните места, ЈСП ќе обезбеди превоз.
„Ќе се селектира пластика и друг тип на отпад. Покрај вработените во администрацијата, приватни компании ќе донираат опрема за чистење. Со оваа акција сакаме да ја подигнеме свеста ако сакаме да внимаваме на животната средина“, рече министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
По една и пол година, со над 150 акции за чистење на јавни површини, од иницијативата „Не биди ѓубре“ се задоволни што овој пат нема да бидат сами на терен.
„И должиме на државата повеќе грижа за животната средина. Потребна е поголема едукација на децата, а кај возрасните е доцна за едукација, потребно е да се казнуваат“, порача активистката Ирена Ристиќ.
П. Клинчарски