Програмата на новиот владин состав, што веќе е доставена пред пратениците, предвидува отворање на шест гранични премини со соседите на државата, Стрезимир-Рестелица (со Косово), Мајден-Промахи и Маркова Нога (со Грција), Клепало (со Бугарија), Лојане-Миратовац и Голеш-Босилиград (со Србија), и Џепиште-Требиште (со Албанија). Во програмата на Владата се вели дека примарен интерес на земјата во регионалната соработка е да се развиваат практични мерки кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните и ги отстрануваат бариерите за полесна трговија, повеќе инвестиции, поголема мобилност на човечкиот капитал и побрза дигитализација и модернизација на Западен Балкан.
Програмата предвидува и нови реформи во дипломатијата како и воведување иновации во дипломатското преставување на земјата промоција на домашните потенцијали како и добрососедските односи. За таа цел се предвидува донесување стратегија за јавна дипломатија, формирање мрежа на наши успешни државјани во странство, таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали на земјава.
Преспа – Симбол на дијалогот и добрососедство
Преспанскиот регион, од едена изоставена туристичка дестинација станува регионален центар за дијалог и добрососедска соработка. Новата влада ќе покрене иницијатива да се формира регионален центар за дијалог – “Преспа форум”.
“Преспа како географски регион обединува три држави, три нации, различни етнички групи, јазици, традиции, култури. Нејзиното богатство од различности ги обединуваат исклучителните природни богатства и културно историското наследство. Затоа ќе ја покренеме иницијативата за регионален центар за дијалог – ‘Преспа форум’. Тоа ќе биде регионален форум за добрососедство и решавање на билатералните прашања, но и форум од каде што ќе произлезат нови инцијативи за регионална соработка. Во рамките на форумот ќе го поддржиме процесот на формирање на канцеларии за младинска соработка МК-ГР, како и сите активности и проекти на канцелариите кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји”, се вели во Програмата.
Реформи и иновации се предвидуваат и во дипломатија и промоција на земјата во странство, а во оваа ќе се вклучуваат и успешни државјани кои привремено работат и живеат во странство.
“Водејќи препознатлива политика, активно ќе учествуваме во работата на Совет на Европа, ООН, ОБСЕ, СТО, УНЕСКО, како и во сите други меѓународни организации во кои членуваме. Ќе настојуваме да го промовираме успешниот модел на меѓуетничките односи во земјата и добрососедска политика. Во надворешната политика, Владата ќе усвои стратегија за јавна дипломатија која внимателно ќе ги одреди целите и насоките, како и задолженијата на сите засегнати и надлежни институции и ќе ги усогласи надворешно политичките цели и националната политика. Во изготвување на оваа стратегија, покрај претставници од владините институции, ќе бидат вклучени и невладините и меѓународните организации. Ќе формираме мрежа на наши успешни државјани во странство и ќе ги повикаме да помогнат во нашите напори за промоција на државата. Ќе направиме и таргетирана промоција на економските, културни и туристички потенцијали: “Земја на можности” (со акцент на новите успеси во културата: Оскари, Евровизија”, пишува во новата владина програма.
Квалитетна дипломатска мрежа, со оптимизација на дипломатските претставништва и зајакнати човечки и технички капацитети во нив, а во Секторот за јавна дипломатија ќе се врши конкретна и темелна подготовка на дипломатскиот кадар со елементи за нивното дипломатско дејствување во насока на јавната, културната и економската дипломатија, се најавува во предлог владината програма.
“Ќе фаворизираме е-амбасади. Ќе ги дигитализираме услугите на нашите сограѓани кои патуваат надвор од земјата, или се на привремен и постојан престој надвор од Северна Македонија преку воведување апликација ‘Е-амбасада’, со цел нашите ДКП навремено да излезат во пресрет на потребите, барањата на нашите сограѓани”, се вели во програмата.
А. З.












